април 30, 2024

Европскиот парламент и Советот на ЕУ постигнаа договор за визна либерализација за Косово

Преговарачките тимови на Европскиот парламент и на Советот на Европската унија (ЕУ) на 14 декември постигнаа договор за укинување на визите за граѓаните на Косово.

Според постигнатиот договор, граѓаните на Косово ќе бидат ослободени од визниот режим кога ќе се воспостави Европскиот систем за информации и овластување за патување (ЕТИАС), а во секој случај до 2024 година.

„По договорот, целиот регион на Западен Балкан би имал слична визна рамка кон Шенген зоната. Законодавците го поздравуваат напредокот што Косово го постигна во патоказот за визна либерализација“, се вели во соопштението објавено од Европскиот парламент (ЕП).

Се повикуваат косовските власти да ја усогласат својата визна политика со политиката на ЕУ и да склучат договори за реадмисија со оние земји-членки на ЕУ со кои сè уште немаат таков договор.

Известувачот за визи во ЕП, Тијс Рутен, по договорот истакна дека Косово е последната земја од Западен Балкан која се уште нема безвизен режим со ЕУ.
Договорот сега ќе треба да чека поддршка од Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент и да се изгласа на пленарната седница на оваа институција. На крајот гласа Советот на министри на ЕУ.

Тој би стапил во сила 20 дена по неговото објавување во Службениот весник на ЕУ. Потоа, договорот за укинување на визите би бил билатерално преговаран меѓу Европската унија и Косово.

Граѓаните на Косово ќе можат слободно да патуваат во ЕУ најрано на 1 ноември 2023 година, а не подоцна од 1 јануари 2024 година.

Read Previous

Владата ја разреши директорката на Пазарниот инспекторат Анета Симеска-Димоска

Read Next

Автобусите се повлекоа, хаосот во превозот остана