Барикадите на северот на Косово треба мирно да бидат отстранети од оние кои ги поставиле, порача денес заменик помошникот на американскиот државен секретар Габриел Ескобар и истакна дека САД се против идејата за враќање на српската војска на северот и дека Србија и Косово мора да постигнат правно обврзувачки договор.
Ескобар во интервју за Радиотелевизија Србија, во момент кога во Белград се сретнаа европскиот претставник за дијалогот на Србија и Косово Мирослав Лајчак и српскиот претседател Александар Вучиќ, кажа дека се противи на „милитаризација на проблемот“. Мислеше на претходната најава на Белград дека, согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999, ќе бара од Кфор да обезбеди враќање на илјада припадници на српските безбедносни сили на Косово.
Сето ова се случува во екот на кризата на северот на Косово поради одбивањето на Приштина да формира Заедница на српски општини.
Американскиот функционер за РТС кажа дека „не сака да прејудицира исход на преговорите“, но дека во контекст на актуелната криза оценил дека може да се види „не само почеток на решението, туку и прилика за нов дијалог“.
Тој повтори дека Вашингтон се залага за „правно обврзувачки договор меѓу Србија, Косово и ЕУ“, но и за формирање на Заедницата на српски општини, на што се обврза Приштина со Бриселскиот договор потпишан во 2013 година.
„За нас тоа е обврска, бидејќи го поддржавме тој процес и една политичка страна не може до тоа да се повлече еднострано, така што ќе биде формиран ЗСО и ќе бараме начини тоа да го оствариме“, кажа Ескобар.
„Рокот за тоа е веднаш“, истакна тој.
Барикадите на Косово се поставени пред пет дена и сè уште не се отстранети, а според извештаите на локалните портали од северот на Косово, на барикадите е „мирно и неизвесно“.
Локалните Срби на барикадите велат дека ќе „истраат во својата намера“ и дека „нема да се откажат сè додека не им се исполнат барањата и не им се обезбеди нормален живот“.