Три месеци лажните дојави за поставени бомби ја вознемируваат македонската јавност. На почетокот, цел беа скопските училишта, но почнаа да се испраќаат закани и до државните институции, полициска станица, моловите, станбените комплекси, како и во училишта надвор од главниот град.
За премиерот Димитар Ковачевски, безбедносната состојба во државата е стабилна и МВР работело со полн капацитет.
– Што се однесува до монструозниот чин на дојава на бомби, што прво започна во автобусите на ЈСП, потоа по училиштата во Скопје и во некои други градови, а во последниве денови се прошири во трговски центри и во поголеми станбени згради, тие се секогаш поврзани со јавноста, која, впрочем, е една од клучните работи во делот на тероризмот – истакна премиерот Ковачевски и посочи „дека, според експертите, ваквите активности се зголемени по започнувањето на војната во Украина“.
Според премиерот, „скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата“. Додека заканите биле резултат на хибридна војна и дека МВР секојдневно комуницирало со партнерските служби и членките на НАТО и со тие што имале стратешка соработка.
– Кај голем дел од овие дојави се работи за випиен врски хостирани во странство, при што речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, бидејќи випиените се приватни виртуелни мрежи хостирани во странски држави и затоа се работи со партнерските служби – истакна Ковачевски и додаде дека на вакви закани биле изложени и земјите во соседството, но и подалечни држави како Канада и Нов Зеланд.
Професорот од Европски универзитет и експерт за безбедносни прашања, д-р Александар Нацев, смета дека за лажните дојави за бомби треба да биде свикан Советот за безбедност, со оглед на фактот дека „опсегот на дојавите се прошири од училишта кон трговски центри, станбено-деловни објекти, а излезе и надвор од Скопје“.
– Ова е навистина сериозно прашање за кое мора да се најде решение, со цел да се смири населението. Време е некој од раководителите на безбедносниот сектор да излезе со кредибилна и одржана изјава за она што се случува и за потенцијално решение
Според него, заканите може да доаѓаат од различни извори и „во моментов е тешко да се детектира точната негова цел, затоа што се покажа дека сите закани се лажни, а не видовме и некое соопштение до медиумите од лажниот бомбаш, некаков вид манифест или листа со барања“.
– Не треба да се исклучи и можноста дека сето ова се врши од организирана група, чија цел е да внесе одредена доза терор и немир помеѓу луѓето, а и помеѓу безбедносните институции. Кој и да е од овие актери, сепак, гледаме дека ова што го прави, го прави на еден софистициран начин, бидејќи нашите органи за спроведување на законот сè уште не можат да откријат кој е. Зависно кој од актерите го прави ова, секој го прави заради својата замислена цел или ефект што сака да го постигне со своите акции – потенцира професорот Нацев.
Досега, еден малолетник од Скопје доби кривична пријава, кој на четврти ноември испратил лажни дојави за бомби до четири училишта. Тој бил инспириран од претходните дојави до скопските средни училишта, испраќани од октомври наваму, меѓутоа сè уште не е откриено кој стои зад лажните дојави за бомби.
Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, побара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој најавуваше дека многу брзо ќе бидат откриени сторителите.
– Спасовски, пред еден месец, нè убедуваше дека „истрагата само што не покажала кој стои зад дојавите за бомби“, а денеска имаме само хаос, паника, закани и нови дојави, оставка веднаш – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Професорот Нацев смета дека постои инертност од институциите во откривањето на лажните бомбаши.
– Од она што го видовме досега, не очекувам дека брзо ќе се открие кој стои зад дојавите за бомби. Гледаме одредена инертност и желба за докажување од страна на МВР, кои досега не вродуваат со плод. Да не бидам сфатен погрешно, сигурен сум дека професионалните припадници на МВР си ја извршуваат работата и даваат сè од себе за да го пронајдат изворот на дојавите. Мојата резервираност повеќе се однесува на изјавите од страна на министерот, кои се полни со празни флоскули и префрлање вина, обид да се избегне политичка одговорност, како и давање нелогични објаснувања