ноември 22, 2024

И официјално регистриран Центар за македонски јазик во Грција, Заев вели: Еве ги плодовите од Договорот од Преспа

Овој месец Центар за македонски јазик и официјално е регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција.

Од Центарот за македонски јазик во Грција велат дека во земјата и де факто е признато македонското говорно население.

Судската документација на грчките правосудни органи и официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик – при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо.

-Сакаме да нагласиме дека во случајов станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција, велат од Центарот за македонски јазик.

Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.

На социјалните мрежи се огласи Заев, поранешен премиер, во чиј мандат е потпишан Договорот од Преспа со кој се стави крај на долгогодишниот спор со Грција, а по кој Македонија стана Северна Македонија. Тој напиша:

– Еве ги плодовите од Преспа, ни носат радост на сите кои зборуваме македонски јазик, на сите Македонци.  Им честитам на основачите на Центарот за македонски јазик во Грција и на сите граѓани на Северна Македонија и Грција кои се радуваат на овој убав чин кој е особено важен како уште една потврда за блиските релации меѓу двете земји.  Им благодарам и на поранешниот и на сегашниот премиер, Ципрас и Мицотакис, за вербата и посветеноста во градењето искрено пријателство и добрососедство.

Read Previous

Штајнмаер за прв пат во Скопје, Пендаровски вели: Тој е голем политички авторитет

Read Next

МТСП: Во тек е етапната исплата на ноемвриските пензии