„Посетата на еден германски претседател е секогаш важен настан, дури и кога се во прашање најголемите држави во светот, а не пак кога доаѓаат во една мала европска земја како нашата“, вели за ДВ македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој денеска и утре е домаќин на неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер.
Точно напладне, претседателот на Сојузна Република Германија ќе биде пречекан на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет на двајцата претседатели, пленарен состанок на делегациите од двете земји и заедничка прес-конференција на Пендаровски и Штајнмајер. Германскиот претседател денеска ќе се обрати во македонското Собрание, а потоа со Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Попладнето ќе има средба со премиерот Ковачевски.
„Личниот авторитет и интегритет на актуелниот германски претседател е голема додадена вредност, затоа што, неспорно, станува збор за еден од најголемите политички авторитети во светот во последнава деценија. Мојата прва билатерална посета како претседател беше токму на Берлин и оттогаш имав чест во повеќе прилики да се среќавам со господинот Штајнмајер, при што изградивме лични релации на взаемна доверба и почит. Иако тој сигурно не би сакал за тоа многу да се зборува, морам да споменам дека претседателот Штајнмајер имаше значајна улога во напорите да ја надминеме бугарската блокада на нашите евроинтеграции. Претседателот Штајнмајер е со завиден бекграунд и искуство во областа на дипломатијата и безбедноста, и истовремено е еден од најдобрите познавачи на нашиот регион. Така што, сигурно ќе има што да каже за тоа како подобро да ги контролираме тензиите кои се појавуваат одвреме-навреме и евентуално да се приближиме до оддржливи решенија за неколкуте отворени прашања кои постојат на Западниот Балкан“, вели македонскиот претседател.