Од квалитетот на образованието зависи капацитетот на човечкиот капитал што една држава го поседува. Едно општество може да оди напред само со квалитетен образовен систем, кој ќе продуцира кадри кои ќе бидат двигатели на позитивните општествени процеси, оцени заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешниот состанок што го организираше заедно со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, а на кој присуствуваше и регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан.
На состанокот, на кој се разговараше за подобрување на ефикасноста, ефективноста и правичноста на буџетските расходи за основното образование присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусени, повеќе градоначалници од сите региони во земјава, пратеници од Собранието, експерти од Министерството за финансии, Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во земјава, како и претставници од Светска банка, соопшти владината прес-служба.
– За жал, сите меѓународни извештаи покажуваат дека имаме проблем со квалитетот на знаењето и стручната подготовка на младите. Алармот е веќе вклучен, и за Владата и за локалните самоуправи, и за вработените во образованието. Ако веднаш не преземеме конкретни мерки и чекори, ќе биде доцна. Веќе немаме право на грешки, немаме право на импровизации, немаме право на партиски поделби, веќе немаме право на наши и ваши реформи. Да ги засукаме ракавите сите заедно, да постигнеме консензус дека образованието и нашите млади ни се најважни и да почнеме да работиме, нагласи вицепремиерката Грковска.
Таа изрази задоволство што е отворена дебатата за финансирањето на образованието, за висината на инвестициите во образовните објекти, за блок дотациите наменети за плати за наставниот, стручниот и техничкиот кадар, како и за вкупниот буџет што државата го одвојува за образованието.
– Промени во начинот на финансирање на образованието мора да има, но промени и во свеста и кај наставниот кадар, но и кај граѓаните мора да има. Мора да се мотивираат сите на образованието да гледаат како на процес за стекнување знаење и вештини, а не како на пат кој мора да се изоди само за да се добие повисока оценка, потенцираше Грковска.
Регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан оцени дека за секое дете да може да учи и да го постигне својот целосен потенцијал, од клучна важност е училиштата да имаат соодветни ресурси, а наставниците да добиваат поддршка приспособена на нивните потреби.