мај 12, 2024

РСЕ: Визна либерализација за Косово најверојатно на 1 ноември 2023 година

Членови на работната група за визи на Европската унија се чини дека ги приближија ставовите и постигнаа договор за компромисен текст, според кој визната либерализација за Косово ќе стапи на сила најдоцна од 1 ноември следната година и во случај до тој датум дигиталниот систем ЕТИАС да не биде целосно функционален.

Според извори на РСЕ, таа формулација ги задоволила сите страни, кои биле поделени во две групи: една предводена од Франција која инсистирала визната либерализација да биде директно поврзана со ЕТИАС и друга група која сметала дека Косово не може да ги трпи последиците доколку дотогаш ЕТИАС не биде оперативен.

Работната група експерти од земјите членки на ЕУ се состана по вторпат денеска, во обид да се постигне договор за конечниот текст за визна либерализација за Косово.

На првиот состанок одржан на 13 октомври, Франција побара визната либерализација да биде директно поврзана со системот ЕТИАС.

Чешкото претседателство со Европската унија треба да подготви нов нацрт на текстот, кој наскоро треба да биде усвоен по таканаречената тивка процедура. Станува збор за поедноставена писмена постапка според која актот се смета дека е донесен на крајот од мандатот определен од Претседателството, освен ако некоја земја-членка не се противи на тоа.

Не се знае каква прецизна формулација ќе состави чешкото претседателство, но извесно е дека ќе се спомене ЕТИАС како и рокот (1 ноември) за стапување во сила на визната либерализација, за да се избегне ново одложување на укинување на безвизниот режим, доколку дотогаш не е воспоставен ЕТИАС.

По истекот на рокот за тивката процедура, која подразбира усвојување на текстот, визната либерализација преминува од експертско на политичко ниво, почнувајќи од амбасадорите на земјите членки на ЕУ. За ова прашање треба да разговараат на крајот на ноември.

Потоа треба да се одржи таканаречен тријалог во кој учествуваат сите три институции на ЕУ: Европската комисија, Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

Таа одлука треба да биде одобрена од Европскиот парламент и Советот на министри на ЕУ, каде што одлуката се носи со квалификувано мнозинство, што значи 55 отсто од земјите-членки кои поддржуваат 65 отсто од целокупното население на ЕУ.

Read Previous

Голема полициска акција во Скопје: Неколкумина приведени и пронајдени оружје, муниција и дронови

Read Next

Објавени добитниците на стипендија за средношколци од Математичко-информатичката гимназија