ноември 22, 2024

Петровска: Северна Македонија ќе продолжи да ја поддржува Украина, во подготовка нова четврта одлука за помош

Ние ја осудивме руската агресија врз Украина и дадовме целосна поддршка на украинскиот народ во одбрана на својата независност која вклучуваше не само политичка, туку и конкретна техничка помош и воена опрема. Три одлуки беа донесени, во фаза сме на договарање на четвртата, таа наскоро ќе биде донесена. Споредено со нашите капацитети и големина, припаѓаме во групата на земји кои најмногу ја помогнаа Украина во нивната праведна одбрана од агресијата. Тоа го направивме затоа што веруваме во принципите на меѓународното право кое не дозволува воена агресија на една земја врз друга.

Ова го истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето со кое ја отвори регионалната конференција „Војната во Украина и влијанијата на надворешни актери – безбедносни предизвици за Европа и регионот”, организирана од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Фондацијата  „Конрад Аденауер“.

Северна Македонија која е членка на НАТО, нагласи таа, на дело покажа дека е цврсто посветена на помошта и поддршката на Украина, не за војната да се оддолжи, туку за независна и суверена Украина да може да се одбрани од агресијата врз неа.

Петровска се осврна и на бројните предизвици со кои се соочуваме денес, особено енергетската криза која влијае на сите аспекти на живеењето. Кога енергенсите стануваат оружје чија цел е да се скрши поддршката за Украина, подвлече, ние мораме да бидеме уште посилни и понапорно да работиме да ја намалиме зависноста од оваа закана во иднина.

Read Previous

По дојавите за бомби во средните училишта, Сојузот на средношколци апелира за зголемена безбедност во школите

Read Next

СПОРЕД „ИНДЕКСОТ НА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО“, МАКЕДОНИЈА НА 63.МЕСТО