ноември 22, 2024

Влада: Сите буџетски корисници да ја унапредат транспарентноста во јавните набавки

На предлог на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска Владата ги задолжи сите буџетски корисници да ја унапредат транспарентноста во процесот на јавните набавки и сите податоци да ги објавуваат на своите веб-страници, информираа денеска од владината прес-служба.

Согласно со Информацијата за унапредување на транспарентноста и отчетноста за буџетските корисници преку објавување на основните информации за јавните набавки на интернет страниците на институциите што беше усвоена на вчерашната 40-та седница, сите буџетски корисници и единки корисници, се должни во рок од 30 дена да креираат посебен дел (таб) на своите веб-страници насловен „јавни набавки“ и редовно да објавуваат информации и документи: Годишен план за јавни набавки, Огласи за јавни набавки (линк од објавата на ЕСЈН),  Известувања за склучени договори (линк од објавата на ЕСЈН), Склучени договори и Известувања за реализирани договори (линк од објавата на ЕСЈН).

Истовремено, Владата им укажува и на јавните претпријатија основани од државата и на акционерските друштва во државна сопственост, и им препорачува и на општините, како и на јавните претпријатија во општините и градот Скопје да го следат примерот за поголема транспарентност при спроведувањето на јавните набавки.

На овој начин, како што образложува вицепремиерката Грковска, јавноста ќе има брз, лесен, едноставен и разбирлив пристап до информациите за начинот на којшто институциите ги трошат буџетските средства преку јавните набавки.

-Брзата, лесна, едноставна и разбирлива достапност на овие информации за граѓаните ќе ја зголеми отчетноста на институциите и нивната одговорност во јавните трошења, а на граѓаните ќе им овозможи увид како и за што се трошат нивните пари, порачуваат од Владата.

Read Previous

ТВ дуел меѓу Макрон и Ле Пен пред вториот круг на претседателските избори

Read Next

Приведен скопјанец по распишана потерница за издржување затворска казна