ноември 22, 2024

ТВ дуел меѓу Макрон и Ле Пен пред вториот круг на претседателските избори

Во Франција вечер ќе се одржи телевизиска дебата меѓу кандидатите кои влегоа во вториот круг од претседателските избори, актуелниот претседател, центристот Емануел Макрон и лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен.

Од 1974 година во Франција е традиција меѓу два изборни круга финалистите да имаат телевизиски дуел кој може да биде одлучувачки. На претходниот ТВ дуел во 2017 година, Марин Ле Пен делуваше неподготвена и послаба од Макрон, што влијаеше за нејзиниот пораз на изборите. Макрон, кој беше освежување на политичката сцена пред пет години, бидејќи не им припаѓа на традиционалните леви или десни партии, се обидува да изнесе радикални аспекти на екстремната десничарска програма што Марин Ле Пен не ги спомна за време на кампањата.

Пред вториот круг од изборите на 24 април останува неизвесноста, иако според некои анкети Макрон ќе победи со 56 насто од гласовите. Во претходниот втор круг од претседателските избори во 2017 година Макрон беше избран со 66 насто од гласовите. Предизвикот во вториот круг е да се убедат неодлучните Французи да излезат на гласање, бидејќи 26 насто од гласачите не излегоа во првиот круг на 10 април. Макрон досега ја доби поддршката од двајца негови претходници, социјалистот Франсоа Оланд и десничарот Никола Саркози. Од крајот на првиот круг од изборите, Ле Пен доби поддршка од екстремно десничарскиот ривал Ерик Земур и суверенистот Никола Дипон-Ањант. Изборите ќе се одржат на 24 април во светло на војната во Украина и француското шестмесечно претседавање со Советот на Европската унија.

Read Previous

Чешкиот „Небесен мост“ достапен од мај

Read Next

Влада: Сите буџетски корисници да ја унапредат транспарентноста во јавните набавки