Американскиот комичар Крис Рок синоќа за првпат проговори по инцидентот во неделата на доделувањето на Оскарите, кога за време на директниот пренос на церемонијата доби шлаканица од колегата Вил Смит.
Рок имаше настап во Бостон, а инцидентот кратко го прокоментира велејќи дека „уште го обработува“.
„Како ви помина викендот? на шега ја праша публиката на стенд-ап настапот во Бостон, пред да рече дека не планира да зборува подетално за инцидентот.
„Сè уште работам на тоа што се случи, па во одреден момент ќе зборувам за тоа. Ќе биде сериозно. Ќе биде смешно, но сега ќе кажам неколку шеги“, им кажа Рок на публиката.
За потсетување, Вил Смит му удри шлаканица на Крис Рок откако комичарот се пошегува на сметка на фризурата на неговата сопруга Џејд Пинкет Смит.
Во меѓувреме, Академијата соопшти дека покренала „дисциплинска постапка“ против Смит.