Лидерот на унгарската обединета опозиција Петер Марки-Зај го призна поразот на парламентарните избори во неговата земја, гласање на кое долгогодишниот националистички премиер Виктор Орбан забележа убедлива победа. 49 годишниот Марки-Зај обвини дека победата на партијата Фидес на Орбан се должи на нејзината доминација во медиумскиот простор во земјата и нејзината манипулација со државните ресурси.
„Не сакам да го сокријам моето разочарување, мојата тага… Знаевме дека ова ќе биде нерамномерно поле за игра“, им рече Марки-Зај на приврзаниците по објавувањето на прелиминарните резултати од гласањето. „Признаваме дека Фидес доби огромно мнозинство од гласовите. Но, ние сè уште спориме дали овие избори беа демократски и слободни“.