Бугарскиот премиер Кирил Петков очекува брз напредок во разговорите со Македонија. Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ тој сепак спомена дека најпрвин ќе треба да им бидат гарантирани правата на Бугарите во земјава.
„Ние ја поддржуваме европската перспектива на Северна Македонија и Албанија. Но, има одредени нешта, кои ќе треба прво да бидат надминати, како што е заштитата на правата на Бугарите во Северна Македонија, со јасни гаранции во рамки на Уставот. Имаме патоказ и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме на брз напредок“, рече Петков.
Петков за првпат споменува дека двете земји имаат патоказ, но не прецизира дали одреден документ во форма на патоказ е веќе изготвен на техничко ниво меѓу преговарачите од министерствата за надворешни работи на двете земји или пак алудира на распоредот на средби на новоформираните работни групи.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, вели дека работните групи веќе даваат резултат и одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека постојат лица со политичка агенда за влошување на односите со соседите.
„Сметам дека односите помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија се унапредени во однос на тоа што беа претходно, нивото на комуникација помеѓу официјалните политичари и институции е унапредено и се одвива на ниво на европски вредности, а секогаш постојат маргинализирани групи кои сакаат тие односи да ги направат полоши“, рече Ковачевски.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи е во посета на Брисел, каде пред европарламентарците во Комисијата за надворешни работи рече дека е интензивна комуникацијата на релација Скопје-Софија и додаде дека се разговара за отворените политички прашања, порачувајќи преговорите да започнат што поскоро.
„Можам со вас да го споделам чувството дека верувам дека сме многу блиску до решение за изнаоѓање заеднички прифатливо решение. Секако сега очекуваме поддршка од пријателите на двете земји, за да го заклучиме договорот и да прославиме заедно, како при влезот во НАТО. Потребно ни е достоинствено решение со кое и двете земји еднакво задоволни или незадоволни“, рече Османи.
Османи минатата недела најави дека неговата бугарска колешка Теодора Генчовска оваа среда се очекува да пристигне во Скопје.
zoom.mk