ноември 25, 2024

Засега не се размислува за целосно укинување на ковид мерките, четвртиот бран во стагнација

Надлежните остануваат на ставот дека се уште е рано за целосно укинување на ковид мерките. Сметаат дека се додека нема доволно имунизирано население, не може да се зборува за укинување на мерките. Засега останува и носењето маски во училиштата. Од Министерството за образование велат дека ќе чекаат на проценката од Комисијата за заразни болести.

Министерот за здравство Беким Сали во интервјуто за МИА оцени дека четвртиот бран од пандемијата е во стивнување и дека има тренд на намалување на бројот на новозаболени и хоспитализирани, но дека се уште е рано да се зборува за укинување на мерките затоа што во одредени држави е забележано повторно зголемување на бројот на новозаболени откако се укинати мерките.

– Како Министерство заедно со Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ги следиме секојдневно податоците и епидемиолошката состојба во нашата земја, а исто така го следиме и она што се случува во регионот така што во последниот период забележуваме неколку држави коишто ги ослободија мерките и немаат никаква мерка за заштита од корона-кризата кај кои забележуваме бумеранг – враќање на претходната состојба на четвртиот бран. На пример, во Германија на дневна основа веќе има околу 200 илјади новоинфицирани лица, во Данска забележуваме бројки од 40-тина смртни случаи во хоспитални услови, а Хонг Конг во текот на минатата недела го имаше најголемиот број на смртни случаи во текот на денот во период од цела пандемија од две години. Така што, имајќи ги предвид сите овие податоци, сè уште не сме подготвени да преземеме некои мерки коишто ќе бидат олеснителни за нашиот народ, рече Сали.

Според него, треба да продолжи вакцинацијата за побрзо да се дојде до ниво на т.н. безбедно живеење, односно ослободување од сите мерки. Очекува позитивен тренд особено кај граѓаните кои преку матичните лекари се повикуваат да се вакцинираат.

– По секое непојавување, ние повторно ги потсетуваме дека не биле, а терминот им се презакажува за следен термин и засега забележуваме позитивен интерес од граѓаните. Очекуваме бројката на нововакцинирани да се зголемува. Во текот на минатата недела, таа бројка се зголеми за две илјади нови вакцинирани и се надеваме дека во период од еден месец ќе постигнеме некоја подобра состојба со вакцинираност, истакна Сали.

Засега, останува на сила и мерката за носење маски на училиште. Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека проценка треба да направи Комисијата за заразни болести.

– Знам дека сме во период кога очекуваме олеснување на мерките, но, исто така знаеме дека и кога ќе имаме полесни препораки, можеме да имаме зголемување на бројот на заразените, изјави вчера Шаќири.

Инаку, според последните бројки со кои располага Министерството за здравство, во земјава се евидентирани нови 312 случаи од направени 2.605 тестови. Пријавени се вкупно пет починати лица од кои едно во изминатите 24 часа, а останатите во периодот од 19 февруари до 9 март преку Регистарот на умрени лица од Ковид-19. Бројот на активни случаи во моментот во земјава изнесува 1.833. Од почетокот на пандемијата, вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава изнесува 301.895.  Оздравени се 290.907 пациенти, а битката со вирусот ја изгубиле 9.155 лица.

Read Previous

Блинкен: Независна Украина ќе постои многу подолго од Владимир Путин 

Read Next

СЗО: Повторно раст на заразените со Ковид-19 во светот