ноември 23, 2024

Решена мистеријата? Нова истрага покажува: „MH370“ бил намерно соборен

Авионот на компанијата „Малезија ерлајнс“ на летот „МH370“, чие исчезнување долго време ги збунува експертите, бил соборен како дел од заговор за убиство-самоубиство, заклучиле истражителите, пишува „Дејли мејл“.

Воздухопловниот истражувач и пензиониран пилот, Џон Кокс, во документарен филм за „Скај њуз“ со наслов „MX370: The Ultimate Search“, оценува дека губењето на авионот не било случајно.

Кога исчезна над Индискиот океан, во 2014 година, во авионот имаше 239 патници и членови на екипажот. Збунувачкото губење на авионот поттикна низа безуспешни спасувачки акции и залудни напори за негово пронаоѓање.

Кокс сега верува дека доказите не се совпаѓаат со постоечките теории. Тој за „Скај њуз“ изјави дека сложената кривулеста рута на авионот упатува на заклучокот дека еден од капетаните го презел летот.

– Мислам дека се сосема непобитни доказите. Авионот не можел да ја лета рутата што ја поминал со сите менувања на правецот, а тоа да не бил планиран маневар – изјави Кокс.

Тој додаде дека тој пат морал да помине некој со професионално знаење и способност, поради што се посомневал дека пилотот и првиот офицер се одговорни за патеката на летот.

Кокс спомна дека пилотот Захарија Ахмад Шах, бил единствениот во авионот кој го имал потребното знаење и искуство за да го оневозможи системот за пренос на податоци на „MH370“.

Од таа причина, Кокс не верува дека копилотот, првиот офицер Фарик Абдул Хамид, имал улога во исчезнувањето на леталото.

Сепак, поради нивото на сигурност што е потребно во истрагата, Кокс рече дека неговата теорија веројатно никогаш нема да биде докажана.

Друг истражител, Канаѓанецот Лери Венс, изјави дека настаните што довеле до авионската несреќа на летот „МХ370“ биле прилично едноставни.

– Судбината на овој авион е злосторство, авионот е намерно соборен, токму како што опишав во мојата книга „МХ370: решена мистерија“, во тоа не се сомневам – изјави тој.

Read Previous

Местото каде што играа светските ѕвезди, сега е стадион на духови

Read Next

Снимен рускиот напад врз Украина