ноември 25, 2024

Мехмети за пропаста на ПДП, проблемот на ДПА, мистеријата околу Беса…

Воениот конфликт во 2001 година беше на некој начин еден пресек во албанската политичка сцена во Македонија, вели новинарот и аналитичар Семи Мехмети, кој за неделникот Фокус го анализира феноменот ДУИ, која веќе 20 години постојано победува, додека некои нејзини ривали згаснуваат или целосно исчезнаа од политичката сцена.

–Главни фигури на ПДП со респектабилен интелектуален потенцијал сакаа да се постројат зад Али Ахмети и да му помогнат поуспешно да се пробие на политичката сцена. Мислам дека тука направија погрешна проценка, бидејќи на ДУИ и Ахмети повеќе им беа потребни верни следбеници, отколку политичари интелектуалци. На тој начин, тие ја изгубија својата партија – вели Мехмети.

После изборната победа на ДУИ во 2002 година, посочува тој, следуваше период на имплементација на Охридскиот Договор, кој, меѓу другото, предвидуваше масовни вработувања на Албанците во институциите.

–ДУИ го искористи ова и преку масовните вработувања, од една страна, формираше лојална до фанатизам политичка структура, а, од друга страна, и за финансиско зајакнување, бидејќи голем беше бројот на млади Албанци кои беа спремни без проблем да платат по 2, 3 или 5 илјади евра за едно работно место – вели Мехмети.

Тој додава дека таа предност што ја стекна во однос на ривалите во мандатот 2002-2006 година, ДУИ после само ја засилуваше и надградуваше, бидејќи, како што вели, не беа само вработувањата, туку и тендерите, конкурсите и разни други поволности кои може да ги користи една партија на власт.

–Таа финансиска надмоќ во однос на ривалите, ДУИ успешно ја користи и за влијание во медиумската сфера, па на тој начин има комодитет кога и е потребно да се престави пред јавноста како ОНА, кога и потребно да се престави како зелена и граѓанска опција, кога и е потребно да бара албански премиер –  вели Мехмети, додавајќи дека ДУИ „освои“ симпатии и кај судиите и обвинителите.

Во врска со ДПА, која произлезе како реликт на ПДП, тој вели дека најголем проблем за оваа партија е темпераментот на Мендух Тачи. Според него, поделбата на Беса и формирањето на Алтернатива е се уште мистерија, а Алијанса за Албанците има подобар кадровски потенцијал од ДУИ.

Read Previous

Османи вели не планираат да го сменат генералниот конзул во Њујорк, но за Бесмира Ејупи не одговори, бидејќи седницата била затворена, па законот го спречува

Read Next

Ковачевски не прифаќа лидерска средба за предвремени избори