април 28, 2024

Д-р Лазаров: Министерот Сали најде време за јапонски амбасадор, попови и оџи, а за колегите, матичните лекари не

Во тек е протест на матичните лекари, кои е најавен и кои денеска примаат само итни случаи. Д-р Ненад Лазаров вели дека голем број на матични лекари се приклучиле на протестот, а додава дека заменик министерот Владимир Рендевски најавил дека во текот на денешниот ден ќе се сретне со нивното здружение. Воедно порачува дека жали што министерот Сали не нашол време за нив, туку го испратил својот заменик.

– Имаме огромна поддршка, никој не работи. Заменикот министер за здравство Владимир Рендевски вели ќе се сретне со колегите денеска за да се разгледаат нашите барања. Сметам дека е навредливо што министерот за здравство Беким Сали, кој патем доаѓа од примарното здравство кое моментално е дигнато на нозе, не оствари средба со нас туку го праќа својот заменик. Сали најде време да се сретне со јапонскиот амбасадор, со попови и оџи, ама колегата не најде време со нас да направи муабет кога му протестираат 80 проценти од матичните ординации. Ако денес не се договори ништо конкретно, тогаш следната недела го продолжуваме штрајкот со физичко присуство пред зградата на Министерството за здравство, вели Лазаров за „Слободен печат“.

Финансиските шокови, повисоките сметки за струја, но и покачувањето на минималната плата особено ги погоди матичните лекари од малите населени места кои имаат амбуланти со мал број на пациенти. Со постојниот надоместок кој го добиваат од Фондот, а кој изнесува 63 денари од пациент, лекарите не можат да ги платат медицинските сестри со минимална плата од 18.000 денари, да ги платат зголемените сметки за струја и да ги покријат сите давачки, поради што се соочуваат со ризик од затворање на ординациите, вели претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова- Дервишова.

Read Previous

Попладне состанок во Владата, Николовски вели дека најниските пензии треба најмногу да се покачат

Read Next

Првиот модел со Даунов синдром на „Викторија сикрет“ достигнува нови височини