ноември 25, 2024

Инцидент во Европскиот парламент: Бугарскиот европратеник Џамбаски со нацистички поздрав му се обрати на италијанскиот европратеник Сандро Гоѕи

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, предизвика скандал во Европскиот парламент откако отпоздрави со нацистички поздрав и го напушти хемисиклот, за време на дебата посветена на пресудата на Европскиот суд на правдата со која се критикува владеењето на правото во Унгарија и Полска.

Од парламентарната група „Ренесанса“ на италијанскиот европратеник Сандро Гоѕи го осудија однесувањето на Џамбаски и побараа од претседателката на Европскиот парламент Мецола да преземе мерки.

-Бидејќи го бранеше владеењето на правото во Европскиот Парламент Сандро Гоѕи беше навреден од европратеникот Џамбаски, кој ја напушти салата со скандалозен нацистички поздрав. Ја имаш нашата целосна поддршка Сандро. Ја повикуваме г-ѓа Мецола, претседателката на ЕП, да преземе чекор, објавија на Твитер од парламентарната група Ренесанса, на која и припаѓа Гоѕи.

Џамбаски претходно од говорницата ги нападна своите колеги во европарламентот и застана во одбрана на владејачките партии во Полска и Унгарија, пред да ја „поздрави“ потпретседателката на ЕП Пина Пичерно, која во тој момент претседаваше со пленарната сесија.

-Нема никогаш да се согласиме со вашата агенда, агендата на сите што сакаат да ја уништат Европа трансформирајќи ја во нешто друго. Да живеат Фидес, Качински, Бугарија“, кажа Џамбаски.

Џамбаски, потоа и на Твитер, одлуката на Европскиот суд на правдата ја нарече одвратна.

-Денешната пресуда на ЕСП е одвратна. Не постои здрав човек кој мисли дека Унгарија или Полска немаат функционално владеење на правото. Наместо тоа, го користите како камшик против националните држави што ги презирате. Да живеат националните држави во Европа!, напиша тој на Твитер.

Пичерно набрзо потоа твитна дека веднаш го осудила потегот на Џамбаски и побарала да биде санкциониран.

-Европскиот парламент е жив споменик на демократијата против варваризмот на нацифашизмот, напиша таа.

Џамбаски да биде санкциониран побара и Манфред Вебер, претседавачот на ЕПП, најголемата групација во европарламентот.

-Во име на Европските Народни партии, ова го осудувам најстрого можно. Ова е спротивност на сè што значи Европскиот парламент и бараме веднаш да бидат изречени санкции, твитна Вебер. Џамбаски е член на ВМРО-БНД и на групацијата ЕЦР во европарламентот, составена од претежно десничарски партии, како унгарската Фидес, полската Закон и правда и шпанската Вокс. На македонската јавност Џамбаски и е познат со скандалозни антимакедонски изјави.

Read Previous

Албанскиот Уставен суд пресече: Мета не го прекршил Уставот, останува претседател

Read Next

Законот за минимална плата и Извештајот на ЕК на собраниски комисии