Има ретроградни сили и во земјава и во Бугарија кои сакаат да го попречат процесот на изнаоѓање решение со Софија, но тоа нема да ги спречи започнатите заеднички активности на градење доверба и добрососедство, уверуваат Скопје и Софија. Разговорите на двете страни продолжуваат неделава на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во обид за надминување на разликите. За Северна Македонија нема отстапување од европската агенда,
Премиерот Димитар Ковачевски вчера во интервју за Алсат истакна дека по формирањето на двете влади, во Северна Македонија и во Бугарија, и по посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, било договорено да се отвори нова страница во разговорите.
– И јас и претседателот на бугарската влада и членовите на владата веројатно бевме водени од тоа да отвориме дијалог кој ќе ја врати позитивната атмосфера, но ние бевме свесни дека веднаш ќе се јават ретроградни сили кои ќе гледаат да го попречат тој процес. Тие сили кои ги има и во едната и во другата држава своето политичко битисување го темелат на овој проблем. Бидејќи, ако не постои проблемот тие не можат да постојат како политичка парадигма, тоа сме го имале во минатото. Како се отворија разговорите, веднаш се отворија теми и провокации кои ги гледаме кои се случуваат и кои гледаат да не се дојде до решение, смета Ковачевски.
Според него, мнозинството од граѓаните и во двете држави сакаат да се изнајде решение, бидејќи, како што рече, Република Северна Македонија го заслужува датумот за преговори со ЕУ.
Ковачевски вели дека постои можност двата процеса – интеграција на Северна Македонија и преговорите да се водат паралелно, но тоа, вели, ќе зависи од договорот кој ќе биде постигнат, доколку биде постигнат. -Јас сум за брзо решение ние треба да ги опточнеме побрзо преговорите, но не сум за избрзани решенија, рече Ковачевски. Нема отстапување од заложбите за отпочнување на преговорите со ЕУ, но, посочи дека никогаш не се врзува со датуми.
Премиерот на Бугарија Кирил Петков во изјава за бугарските новинари кои известуваа за неговата посета на Белград, рече дека имал телефонски разговор со македонскиот колега Ковачевски. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков коментирајќи го оштетувањето на венците што бугарската делегација ги положи на гробот на Гоце Делчев во Скопје, кажа дека секогаш ќе има провокатори.
Петков очекува да има нулта толеранција за провокации и верува дека тоа никако нема да ја намали брзината или да ги спречи започнатите заеднички активности.
– Ние имаме заедничка цел, а тоа е добрососедството и добри билатерални односи, истакна бугарскиот премиер Кирил Петков.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи на средбата вчера со амбасадорите на државите -членки на ЕУ акредитирани во државава, изјави дека Северна Македонија во 2021 година има постигнато висок степен на усогласување со позициите на ЕУ, дури 96 отсто што е индикатор дека земјата ги споделува вредностите и принципите на надворешната политика на Европската Унија.
На средбата тој брифирал и дал пресек и за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата, особено предизвиците во билатералните односи со Бугарија и процесот на усвојувањето на преговарачката рамка како предуслов за почеток на преговорите со ЕУ.
– Северна Македонија демонстрираше посветеност кон европската интеграција, реформскиот процес и регионалната соработка создавајќи со тоа стратешка кредибилност пред своите партнери. Не отстапуваме од нашата амбиција да продолжиме со надворешната интеграција со нашето најблиско соседство, кое посакуваме да резултира со стабилни и квалитетни добрососедски односи, со потенцијал да преминат во трајно пријателство со силна меѓусебна доверба, истакна Османи.
Коизвестувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа – ПССЕ за пост-мониторинг дијалог со Северна Македонија во нивниот извештај објавен деновиве во Стразбур, оценуваат дека неисполнетото ветување на ЕУ за отворање на пристапните преговори со земјата „ја поттикнало политичка нестабилност во државата, неизвесност и разочарување“. Сепак, тие ги охрабруват властите, опозицијата и граѓанското општество да останат посветени на нивните европски цели и да продолжат да работат со Советот на Европа.
Земјата, се наведува меѓу другото, направи „многу напори да ги подобри своите стандарди во последниве години, но овој напредок треба да се консолидира и законите целосно да се применат“.
– Изгледите за интеграција во ЕУ може да бидат силен фактор за поттикнување да се направат реформи, да се подобрат нормите и на крајот да се подобрат условите за живот“, оценуваат известувачите на ПССЕ.
-Затоа ги охрабруваме властите на Северна Македонија, како и опозицијата и граѓанското општество, да останат посветени на нивните (пан)европски цели и продолжат да работат во соработка со Советот на Европа. И ги охрабруваме соседните земји – и на прво место Бугарија – да ги поддржат европските аспирации на Северна Македонија, во интерес на граѓаните на земјата и на целиот регион. Во таа насока, повторното започнување на политичката и економската соработка меѓу Скопје и Софија во 2022 година го сметаме за охрабрувачки знак за продолжување на преговорите и изнаоѓање на потребниот политички компромис што на крајот може да доведе до отворање на преговорите за членство во ЕУ, се нагласува во извештајот на ПССЕ.
Во рамки на договорените активности на работните групи формирани на заедничката меѓувладина седница што се одржа во бугарската престолнина на 25-ти јануари, неделава, на 10 или 11 февруари, двете министерства за надворешни работи, на Северна Македонија и на Бугарија, во Софија ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во обид за надминување на разликите меѓу двете земји. На 10-ти ќе се одржи и состанок на Работната група за инфраструктура, а првиот лет на релацијата Софија-Скопје треба да се реализира на 11-ти месецов.
Во меѓувреме, во земјава продолжува меѓупартиската полемика околу Гоце Делчев, едно од отворените прашања на релација Скопје – Софија. Во тој контекст, министерот за надворешни работи Бујар Османи ја коментира декларацијата за Гоце Делчев поднесена во Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со оценка дека таа значи враќање назад во процесот на преговори со Бугарија за надминување на разликите и деблокадата на евроинтеграцијата на земјата.
-Слична ваква иницијатива имаше ВМРО на Каракачанов во бугарското Собрание по однос на Свети Кирил и Методиј. Сакаа Парламентот да ги дефинира историските прашања. Е сега тоа што имаат исти имиња партиите, не мора да имаат и исти ставови. Ако влеземе во таков натпревар, ние денеска Гоце Делчев, утре бугарското Собрание уште посилен текст за Гоце Делчев, па ние потоа, ние влегуваме во маѓепсан круг на односи, не само со Бугарија, туку и генерално внатре во државата. Така што мислам дека не треба историјата да ја користиме како платформа за изградба на нашите политички кариери, за дневно политичките прашања и препукувања. Ова се прашања за коишто е многу важно надпартиско единство за да се и заштитат некои важни прашања за граѓаните и државата, но, пред се, тоа да не стане тема за дневно политичко препукување, рече вчера Османи за ТВ Канал 5.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во емисијата „Објектив“ на МТВ изјави дека Декларацијата за Гоце Делчев е поднесена со намера да биде поддржана и тоа да бидат црвените линии покрај Резолуцијата која е изгласана во Собранието. -Поучени од минатото сметаме дека треба и околу ова прашање да имаме заеднички став по однос на отворените преговори со Софија да не се оди надвор од тие црвени линии… Ако власта вели дека никој не го чепка македонскиот идентитет, еве шанса да го заштитиме, рече Мицевски.