Осумдесет илјади граѓани ќе добијат најмалку 18.000 денари минимална плата во мартовската исплата. Владата вчера ги усвои измените и дополнувањата на Законот за минимална плата во согласност со одлуките од Економско-социјалниот совет.
Со овие измени, најмалиот износ на минималната плата почнувајќи од мартовската плата не може да биде помала од 18.000 денари. Во законска рамка се ставени и донесените измени за редовно годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 отсто од растот на трошоците за живот, како и критериумот според кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера изјави дека проекциите се дека минималната плата ќе биде 22.000 денари до 2026 година.
– Имаме проекции до 2026 како ќе се движи минималната плата. Сепак, тоа се проекции кои се поставуваат на ниво на различни макроекономски фактори. До 2026 година, минималната плата ќе биде 22.000 денари само со усогласување, без никакво интервенирање, рече Битиќи.