Сојузниците во НАТО, Северна Македонија и Италија имаат сеопфатна и интензивна одбранбена соработка која се имплементира во доменот на военото образование, развојот на капацитетите на Армијата и заедничкото учество и придонес во голем број на иницијативи и операции, заклучија на денешната средба министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри.
Како што информираат од Министерството за одбрана, Петровска се заблагодари на амбасадорот Силвестри за италијанската поддршка за евроатлантската интеграција на Северна Македонија и извонредната соработка во одбраната.
– Потенцирана беше одличната соработка на припадниците на армиите на двете земји во мисијата на НАТО на Косово. Италија обезбедува логистичка поддршка за припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во оваа мисија на Алијансата, а двете земји соработуваат и во мисијата на Обединетите Нации во Либан, каде двајца македонски офицери се дел од италијанскиот контингент, потенцираат од Министерство.
На средбата, како што се посочува во соопштението, Петровска и Силвестри се заложиле и за продолжување на одличната билатерална одбранбена соработка која се реализира во доменот на експертските одбранбени разговори и обуките во цивилно-воена соработка, логистиката, воената полиција, сајбер безбедноста.
– Италија оваа пролет ќе биде една од седумте сојузнички земји која ќе учествува во вежбата „Swift response 22“ на Криволак. Посочено било дека двете земји имаат исклучително плодна соработка и во доменот на военото образование, во чии рамки на високите воени школи во Италија се упатуваат офицери и питомци од Армијата, се вели во соопштението.
Северна Македонија е дел и од Концептот на рамковни нации, предводен од Италија, кој овозможува синхронизација на напорите за развивање на повеќе области за одбранбена соработка, во контекст на НАТО и ЕУ.