Опозициските партии во Република Српска нема да ја следат политиката што ја води Милорад Додик бидејќи сметаат дека на тој начин го загрозува мирот низ БиХ, потврди еден од опозициските лидери Мирко Шаровиќ по средбата со американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„Ни требаат нормални политики, не ни требаат оние кои ги разгоруваат страстите и нè водат во опасна ситуација“, рече Шаровиќ, кој е претседател на Српската демократска партија (СДС).
Оценката на опозициските лидери е дека планот на Додик за носење закони со кои на државно ниво ќе се урнат вооружените сили, судството и даночната и царинската политика предизвикува конфликти кои можат да имаат катастрофални последици во цела БиХ.
Шаровиќ рече дека Додик се обидува да ја искористи актуелната криза во БиХ за да ја зајакне својата влада.
Опозицијата смета дека отворените прашања треба да се решаваат со дијалог, бидејќи „сите еднострани одлуки се крајно опасни“.
За време на состанокот со највисоките претставници на БиХ во Сараево во понеделникот, американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, исто така, рече дека Соединетите Американски Држави се противат на едностраните одлуки, вклучително и можното оспорување на законите што претходно ги усвои Парламентот на БиХ.
Ескобар изјави дека постои можност српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик да ја повлече одлуката на Народното собрание на Република Српска, што се однесува на блокада на работата на институциите на БиХ. – Имав продуктивен состанок со Милорад Додик и отворена можност да биде повлечена донесената одлука, посочи Ескобар во Сараево.