Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција дала нов предлог за ублажување на спорот со Велика Британија за правото на риболов и дека разговорите меѓу двете страни ќе продолжат денеска, по истекот на рокот што Париз го постави за воведување санкции.
Макрон во неделата потврди дека Франција и предложила на Британија начин на кој може да заврши спорот за правото на риболов, велејќи дека „топката е во дворот“ на британскиот премиер Борис Џонсон.
– Ја сакам Британија исто колку што премиерот Џонсон ја сака Франција. Не сакам да ескалира. Мора да бидеме сериозни, изјави Макрон на прес-конференцијата по самитот на Групата 20 најразвиени светски економии во Рим и истакна дека не сака да користи одмазднички мерки бидејќи тоа нема да им помогне на француските рибари.