Земјата има одредено ниво на подготвеност, односно е умерено подготвена да го примени правото на ЕУ и европските стандарди во областа на владеење на правото Поглавје – 23. Генерално постигнат е одреден напредок, вклучително и преку зајакнатата судска независност и решавањето на случаи на полициска неказнивост, се вели во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата.
Извештајот на ЕК ги потврдува направените реформи во правосудството и укажува дека останува да се осигура нивното соодветно спроведување, со акцент на потребата од доекипирање на институциите со високо обучен кадар и соодветна опрема.
Во делот за квалитет на судството во Извештајот на ЕК се нагласува дека Буџетот на судскиот систем (буџет за судови, јавни обвинителства и правна помош) е намален за 8,3 отсто во однос на 2019 година и за 2020 година, кога изнесувал 40 милиони евра или 19,5 евра по глава на жител, што е под просекот за регионот на Западен Балкан од 37,8 евра по глава на жител.
Најавената дигитализација пак, се оценува како преголем залак, со оглед на тоа дека досега во најголем дел зависи од странски донации, како и неатрактивните плати за ангажирање на соодветни ИТ експерти.
Извештајот оценува, дека продолжува имплементацијата на судската стратегија, вклучително Законот за јавно обвинителство, со што се обезбедува одговорност за криминалите што произлегуваат и се поврзани со незаконските прислушувања, како и дека Државната комисија за спречување на корупција, користејќи ги своите засилени овластувања продолжува да дава резултати, вклучително и за случаи на високо ниво.
Корупцијата, се вели во Извештајот, е распространета во многу области и останува прашање на загриженост.
Извештајот на ЕК во делот за судскиот систем на земјата оценува дека е остварен одреден напредок во однос на имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, со што дополнително се адресираат препораките од Венецијанската комисија и експертската група за системски прашња за владеење на правото.
– Неопходни се напори за гарантирање системска имплементација на надградениот акциски план на стратегијата за реформи во правосудството и стратегијата за човечки ресурси за судството и обвинителството. Правосудните институции продолжуваат со спроведување на новите правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување на судии и обвинители. Важно е да се продолжи со спроведување на правната рамка и стратешкиот план за реформи на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, се вели во Извештајот.
Државата во следната година, особено треба да работи на:
– засилување на доследната имплементација на стратегијата за судски реформи и ревидираниот акциски план, со специфичен фокус на носење на нов закон за парнична постапка, согласно европските стандарди;
– имплементација на стратегиите за човечки ресурси за судската и јавно обвинителската мрежа, користејќи ги како индикатор за проекции за следните вработувања;
– подобрување на системот за автоматска распределба на судски случаи – АКМИС така што ќе се гарантира дека е целосно функционален и доверлив.
Секој нов предлог закон за Академијата на судии и јавни обвинители, се оценува во Извештајот, треба да ја задржи Академијата како единствена влезна точка во правосудството и да гарантира фер и праведен пристап до овие професии.
Како една од алатките за враќање на довербата на јавноста во судството, Извештајот на ЕК оценува дека Здружението на судии и Судско медиумскиот совет активно промовираат јакнење на транспарентноста. Во делот на одговорноста, Извештајот наведува дека Судскиот совет минатата година добил 140 барања за утврдување на одговорност на судии и претседтаели на судови и дека разрешил седум судии, вклучително и поранешниот претседател на Вхровниот суд, додека ДКСК издала прекршочни платни налози против 15 судии или претседатели на судови и десет обвинители за неподнесување на лист за имотна состојба или извештај за промена на имотната состојба.
На крајот на 2020 година имало 493 судии (23 на 100 илјади жители), од кои 61 процент жени и 187 јавни обвинители (девет на 100 илјади жители) од кои 55 отсто жени. Споредено со 2019 година има мало намалување на бројт на судии и јавни обвинители во 2020 година.
– Останува од суштинско значење да се обезбеди соодветна проценка на потребите за персонал, особено во обвинителските служби. Спроведувањето на стратегијата за дигитализација во судството останува доминантно финансирана од донатори. Првичните размислувања за дигитализација на сите 34 судови ќе бараат ангажирање дополнителен ИТ персонал, предизвикувачка задача поради неконкурентните плати што се нудат за такви задачи во јавниот сектор, се вели во Извештајот на ЕК.
ЕК во Извештајот посочува дека е потребна постојана промоција на алтернативните решенија на споровите, влучително и за комерцијални спорови, оценувајќи дека бројот на случаи решени со медијација е зголемен за 55 процнети во однос на 2019 година.
Во делот на ефикасноста на судовите, Извештајот на ЕК, оценува дека речиси сите судови продолжиле со позитивниот тренд со одржување на стапка на решени случаи од 100 процнети, како и дека бројот на недовршени случаи според старите процедурални закони дополнително е намален.
– Препораките на Венецијанската комисија за преиспитување на одредбите од Законот за употреба на јазиците поврзани со двојазичноста во судските постапки се уште не се разгледани. Судиите допрва треба да ги добијат сите додатоци на нивните плати, додека барањата на судската администрација, вклучително и за напредување во кариерата, се уште се во тек, стои во Извештајот на ЕК.