Во дворот на Кинотека на Северна Македонија утре со почеток во 19 часот ќе започне седмото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“.
Фестивалот ќе трае 4 дена, 18-19 септември и 21-22 септември, и ќе се одвива во дворот на Кинотека на Македонија. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот и картите ќе можат да се набават пред проекциите на касата од Кинотека.
Филмот што ќе го отвори Фестивалот е уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“ во режија на Винсент Мун, за филмскиот композитор Олафур Арналдс, којшто е воедно и „Артист во фокусот“. Истата вечер ќе се прикаже филмот за џез великанот Мајлс Дејвис „Birth of the Cool“ со што ќе се одбележи 30-годишнината од неговата смрт.
Втората вечер ќе биде прикажан филмот „The Hip“ на режисерот Јане Алтипармаков, а влезот за проекцијата ќе биде слободен. Филмот што ќе следи е „B-Movie: Lust and Sound in West Berlin“ за боемската и декадентна сцена во Западен Берлин.
На 21 и 22 септември, ќе биде прикажан краткиот филм „Angel’s Breath“ односно филм за музичката авантура на Милан Младеновиќ и Суба во Бразил кој го изнедри истоимениот албум. Во продолжение ќе биде прикажан филмот за Кирил Џајковски „Современа музика за современа доба“ во продукција на ТВ Војводина. Филмот е портрет на Џајковски и неговите достигнувања во електронската и филмската музика, а осврт е даден и на неговото минато со бендовите Бастион и Леб и сол. Филмот досега не бил прикажан во Македонија.
Ќе бидат прикажани и филмовите „Трагачи по звукот“ (бесплатна проекција) и „Primal Scream: Изгубените снимки од Мемфис“. Последната вечер ќе бидат прикажани филмовите “Кејт Буш: Трчајќи по ридот’ и “Марк Болан: Космичкиот танчер’.
Фестивалот е во организација на здружението „Номад-Арт Скопје“ во соработка со Кинотека на Македонија, Гете Институтот и фондацијата „Милан Младеновиќ“.
Мета.мк