Првата земја во Европа што ќе бара сите вработени да поседуваат здравствена ковид-потврда е Италија, откако италијанската влада вчера усвои мерка со која што дигиталните потврди се задолжителни за вработените и во јавниот и во приватниот сектор, јави Еуроњус.
Обврската ќе важи од 15 октомври најмалку до крајот на годинава. Целта е да се зголеми бројот на дадени вакцини и да се намали стапката на инфекцијата, во очекување на нов бран на ковид-19 зимава.
„Ја прошируваме обврската за потврда за сите вработени, и во јавниот и во приватниот сектор, и тоа го правиме од две основни причини: да ги направиме работните места побезбедни и да ја засилиме нашата кампања за вакцинација“, изјави министерот за здравство Роберто Сперанца.
Сите вработени ќе мора да докажат дека биле вакцинирани против ковид-19, ја прележале болеста или да приложат нов тест за ковид-19. Само пензионерите и невработените ќе бидат ослободени од имањето „зелена потврда“.
Секој вработен што нема да приложи важечка потврда за ковид-19 ќе биде суспендиран пет дена неплатено, но не смее да биде отпуштен. Невакцинираните би можеле да добијат казни до 1.500 евра.
Претходно италијанскиот Сенат со големо мнозинство ја одобри мерката – 189 сенатори беа „за“, 32-ца „против“, а воздржани беа само двајца сенатори.
Мета.мк