Во рамки на проектот „Поддршка за изборни реформи“ 16 млади луѓе од осум различни региони 6 месеци ги следеа ветувањата на Владата дадени во рамки на Програмата за работа на Влада 2020-2024 година и спроведоа иновативни иницијативи за зголемување на граѓанскиот ангажман и јавна одговорност на локално ниво, соопшти Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
Како што додаваат оттаму, еден пример на успех во рамки на проектот е иницијативатта „МојПростор!“ на 26-годишната Мартина Јаческа од Пробиштип.
„Во општина Пробиштип Мартина разговараше со кабинетот на градоначалникот и Домот на култура за отворање на Младински центар, при што е договорено една од просториите да се пренамени во Младински центар / простор за младински активности. Поради претстојните локални избори и неможноста во моментов да се пренаменат општински средства за реновирање и опремување на Младинскиот центар, овој процес ќе се финализира по изборите“, се вели во соопштението.
„Секој млад човек заслужува простор во кој ќе може да ги реализира сите свои иницијативи. Токму младинските центри се вистинското место на кое ние младите ќе може да споделуваме идеи, да работиме на заеднички проекти, место на кое ќе дојде до израз нашиот креативен потенцијал. Но, затоа мора да бидеме погласни и да си ги кажеме нашите потреби. Промената мора да ја иницираме ние самите, а како млади имаме обврска да бидеме активни и да се бориме за остварување на заедничките цели кои ќе ни овозможат подобар живот во нашите општини,“ вели Мартина Јаческа, иницијаторка на проектот „МојПростор!“.
Мета.мк