Поставувањето на првите цевки за гасната интерконекција меѓу Србија и Северна Македонија ќе започне следната недела на делница долга пет километри во околината на Врањска Бања, најави денес српската министерка за енергетика во технички мандат, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
По Вториот самит на министрите за енергетика на Србија, Грција, Бугарија и Северна Македонија во Белград, таа рече дека станува збор за почеток на работите на гасоводот со вкупна должина од 145 километри.
Според неа, до крајот на октомври ќе бидат испорачани цевки за 15 километри од гасната интерконекција, но за продолжување на работите според предвидената динамика потребно е „Србијагас“ да ги реши преостанатите прашања поврзани со експропријацијата.
„Наша цел беше во првиот квартал од 2028 година да имаме завршена гасна интерконекција, но за да го постигнеме тоа, неопходно е да се завршат сите процеси поврзани со експропријацијата“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа наведе дека гасната интерконекција меѓу Грција и Северна Македонија треба да биде пуштена во употреба во текот на 2027 година, истакнувајќи дека Грција претставува влезна точка за снабдување на Централна Европа со поголеми количества гас преку Балканот.
На состанокот на министрите се разговарало и за нови интерконекции за пренос на електрична енергија, пред сè, за изградбата на Балканскиот коридор.
Ѓедовиќ Хандановиќ рече дека новиот правец на преносната мрежа од 400 киловолти ќе овозможи поголема и поефикасна размена на електрична енергија.
„Бугарија и Грција се членки на ЕУ и од таа страна може да им помогнат на Србија и Македонија кога станува збор за дијалогот во енергетскиот сектор и придружувањето на пазарот на електрична енергија“, рече таа.
Грчкиот министер за енергетика Ставрос Папаставру истакна дека неговата земја ја поддржува интеграцијата на Србија и Северна Македонија во Европа.
„Регионалната енергетска интерконекција и соработката се неопходни и се составен дел од напорите нашите земји да имаат сигурно снабдување со енергија“, рече Папаставру.
Министерката за енергетика на Северна Македонија, Сања Божиновска, рече дека земјата очекува до средината на следната година да биде завршена гасната интерконекција со Грција, како и да биде постигнат договор со Србија.
Таа додаде дека до 2028 година се очекуваат алтернативни правци за снабдување на Јужна и Централна Европа, како и подготовка на инфраструктурата за користење гас и водород.

