Жените се мнозинство во јавниот сектор, но мажите доминираат на раководните позиции. 57,5% од вработените во јавниот сектор се жени, но тие немаат еднаков пристап до процесите на донесување одлуки. Ова е констатирано во извештајот на Државниот завод за ревизија, кој го опфаќа периодот од 2020 до 2024 година.
Ревизијата констатирала недостиг од ефикасни политики за унапредување на жените на раководни позиции. Во Собранието, жените сочинуваат 39,2% од пратениците, што е меѓу највисоките проценти во регионот.
„Спроведената анализа покажува дека законски утврдената квота за помалку застапениот пол има влијание врз учеството на жените во Собранието. Во периодот 2007–2024 година, учеството на жените пратенички се движи од 30 до 43 проценти, додека во 2024 година изнесуваше 39,2 проценти. Со овој процент, земјата има поголема застапеност на жените во парламентот од 83 проценти од земјите членки на Европската Унија, додека во споредба со земјите од регионот кои не се членки на ЕУ, се наоѓа на прво место.“, порача ДЗР.
Од осамостојувањето, ниту една жена не била на чело на Собранието на Македонија. И во Владата застапеноста на жените останува ниска – само 3 од 20 министри се жени. На функциите заменик-претседатели на Владата, пак, нема ниту една жена.
Извештајот нагласува дека, за разлика од Собранието, во Владата не постои законска квота за родова рамнотежа.
„Во периодот од 2014 до 2024 година, учеството на жените во Владата како министерки се движи од 14 до 31 процент, како заменик-министри од 7 до 25 проценти, додека како државни секретарки од 6 до 31 процент. Во составот на Владата 2024–2028 година, од 20 министри со ресор, само три се жени, односно 15 проценти, додека од петте заменик-претседатели на Владата нема ниту една жена.“, велат од ДЗР.
Извештајот покажува дека патот кон родова еднаквост во донесувањето одлуки и понатаму се соочува со институционални и општествени пречки. Недостигот од јасни механизми за именувања, недоволниот мониторинг и говорот на омраза кон жените и понатаму влијаат врз нивната застапеност на раководните позиции.
Државниот завод за ревизија во извештајот бара конкретни мерки од институциите и политичките партии за создавање еднакви услови и побезбедна средина за жените во јавниот живот.

