September 29, 2026

Општина Тетово во „лов“ по должниците – над 6 милиони евра неплатени даноци

Општина Тетово започна акција за наплата на заостанатите обврски од данокот на имот и другите општински такси. Неплатениот износ за последните две години надминува 6 милиони евра, при што, според општината, најголеми должници се самите граѓани, но и одреден број приватни компании. Раководителот на финансии во Општина Тетово, Нуредин Дехари, информира дека доколку заостанатите обврски не бидат платени во текот на неделата, ќе се започне со постапки за извршување со цел наплата на средствата и одблокирање на сметката на општината.

„Вкупниот долг на компаниите и граѓаните во Општина Тетово изнесува 340 милиони денари и најголемиот дел е од граѓаните кои ѝ должат на општината за данок на имот. Другиот дел се однесува на компаниите, каде што најголемиот дел се такси за фирма и даноци на имот кои компаниите не ги платиле, односно обврските што ги имаат кон општината. Како општина ги известивме граѓаните и издадовме решенија. Известување испративме и до оние кои не успеале да ги добијат решенијата на нивната адреса, за да се јават во општината, додека од први октомври ќе започнеме со постапките за оние кои не ги извршиле плаќањата за претходните години.“, порача Нуредин Дехари.

Покрај општинските даноци, жителите должат над еден милион евра и на Јавното комунално претпријатие „Шари“ за последните две години. За разлика од ЈКП „Тетово“, претпријатието „Шари“ нема долгови и функционира со финансиска стабилност.

„Претпријатието во моментов нема активни долгови и, како што знаете, претпријатието е во плус од над 6 милиони денари за првото полугодие, но со наплатата на долговите значително ќе инвестираме во подземната инфраструктура, бидејќи проблемите што ги имавме со платите ги надминавме и претпријатието се одржува со средствата што ги собира, но ги молам граѓаните кои му должат на Претпријатието да се обратат во нашите канцеларии и да ги подмират долговите.“, вели Валон Зекири.

Посебен предизвик останува Јавното комунално претпријатие „Тетово“, кое и натаму има низок процент на наплата, иако бележи значително намалување на јавниот долг. Во текот на 2021 година, имаше долг од околу 10 милиони евра, додека денес тој долг е намален на околу 2,6 милиони евра.

За да го поддржи функционирањето на ова претпријатие и неговата стабилизација, Општина Тетово издвојува посебни блок-донации за покривање на платите и придонесите на вработените.

Read Previous

Жените се мнозинство во јавниот сектор – но, мажите доминираат на раководните позиции во Македонија