Стопанската комора на Северна Македонија бара посебен статус за превозниците и трајно решавање на проблемот со транспортерите.
Координаторот за меѓународна соработка во Стопанската комора, Даниел Матракоски, на прес-конференцијата изјави дека бараат изземање на професионалните возачи од шенгенските ограничувања што важат за туристите.
„Вкупно 77,5 отсто од нашиот извоз оди директно во ЕУ. Не е логично возачите што ја сервисираат европската индустрија да се третираат со исти 90-дневни шенгенски ограничувања како туристите“, вели Матракоски.
Стопанството алармира дека за бариерите за превозниците ќе се дискутира на претстојниот состанокот на министрите за економија од регионот, кој утре ќе се одржи во Цетиње.
„Тоа е значајна можност гласот на целото регионално стопанство, без никакви посредници, да биде директно разгледан од ресорните министри и високите претставници на Европската комисија“, додаде Матракоски.
На крајот на минатиот месец транспортерите протестираа пред Делегацијата на ЕУ во Скопје, барајќи решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

