Посмртните останки за кои се верува дека му припаѓаат на средовековниот владетел Цар Самуил ќе бидат предадени на Бугарија од страна на Грција оваа недела. Тие ќе бидат примени со официјална церемонија во Софија на 3 октомври, објави бугарскиот премиер Румен Радев, пренесува Медиапул.бг.
Според најавите, моштите ќе бидат транспортирани од Грција во Бугарија со авион „Спартан“, по што ќе бидат сместени во посебен саркофаг во црквата „Света Софија“.
Праќањето на посмртните останки, според информациите во бугарските медиуми, е резултат на договор постигнат меѓу Бугарија и Грција. Се предвидува реципрочен трансфер за безбедно чување на историски, религиозни и културни артефакти и реликвии.
Како што пишува Медиапул.бг, прашањето го покренала владата на премиерот Кирил Петков во 2022 година. Во тоа време, Софија и Атина имале активни контакти во областа на енергетиката, електроенергетските врски, инфраструктурата, логистиката и пристаништата. Прашањето за останките на средновековниот владетел било покренато и за време на овие разговори, наведува бугарскиот медиум.
Моштите биле откриени во 1969 година од страна на грчкиот археолог Николаос Муцопулос во базиликата „Свети Ахилиј“ на остров на Преспанското езеро.


