Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денес, во рамките на 22. Европски самит во Салцбург, Австрија, говореше за иднината на европскиот проект, стратегиските предизвици со кои се соочува Европската Унија (ЕУ) и потребата од забрзување на европската интеграција на Западен Балкан, пренесува Анадолу.
Сиљановска-Давкова, според соопштението на нејзиниот Кабинет, нагласила дека „проширувањето не е само политика кон кандидатите, туку тест за капацитетот на ЕУ да дејствува стратегиски“.
Осврнувајќи се на европскиот пат на земјата, таа потсети дека Северна Македонија 21 година е кандидат за членство во ЕУ, со 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите, висок степен на хармонизација со европското законодавство и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика.
Според Сиљановска-Давкова, процесот на проширување сè почесто станува заложник на билатерални спорови што не се дел од Копенхагенските критериуми.
„Кога напредокот не зависи од самите реформи, процесот ја губи својата кредибилност. Тоа веќе не е само проблем на кандидатите, туку институционален проблем за самата ЕУ“, порача претседателката.
Таа посочи дека системот на заслуги мора да биде заштитен, членството не смее да создава Европа од прв и втор ред, а постепената интеграција треба да носи реални придобивки, но да води кон полноправно членство.
Сиљановска-Давкова заклучи дека реформата на проширувањето не е услуга за Западен Балкан, туку инвестиција во геополитичкиот капацитет на самата Европска Унија.

