September 23, 2026

Македонија меѓу земјите со висока потрошувачка на тутун – 22,5% од лицата над 16 години консумираат тутун

Македонија е меѓу земјите со висок процент на потрошувачка на тутун и сродни производи. Според последните податоци на ЕВРОСТАТ, во 2022 година – 22,5 проценти од граѓаните постари од 16 години секојдневно консумирале тутун или сродни производи. Овој процент е значително повисок од просекот на Европската Унија, кој во 2025 година изнесувал 16,5 проценти.

„Додека ЕУ бележи општ пад на употребата на тутун (од 17,5% на 16,5%), повеќето земји во регионот (Турција, Србија, Хрватска, Бугарија) бележат значителен пораст. Македонија се наоѓа во истото балканско опкружување, каде што потрошувачката останува висока. Во Македонија, според најновите достапни податоци, во 2022 година, 22,5% од лицата на возраст од 16 години и постари секојдневно користеле тутун и сродни производи“, Евростат.

Најновите национални податоци се од Глобалното истражување за употребата на тутун кај младите, чии резултати беа презентирани во февруари 2026 година. Според нив, 13,6% од учениците на возраст од 13 до 15 години користат некаков вид тутунски производ – највисока стапка регистрирана досега во оваа серија истражувања.

Пушењето е поврзано со повеќе од една третина од сите случаи на рак на белите дробови, како и со значителен дел од кардиоваскуларните заболувања. Пулмологот Зекирија Шахини предупредува за потрошувачката на тутун, посочувајќи дека пушењето е број еден причинител на ракот на белите дробови.

„Треба да се крене аларм, зошто да не и да се исплашат луѓето, бидејќи треба да се плашат, и да се укаже дека причинител на ракот на белите дробови е тутунот. Ако не можеме да го спречиме 100%, барем да го превенираме или да најдеме алтернатива која би го спречила ова, за да не дојде до фатални заболувања. За жал, она што најмногу ме загрижува е и младата возраст на пациентите. Не станува збор за луѓе на 70 или 80 години, туку голем дел од пациентите се на возраст од 50 до 60 години, што е многу млада, односно средна возраст. Имаме зголемување на смртноста кај пациентите на помлада возраст.“, вели Зекирија Шахини.

Инаку, Предлог-законот за заштита од пушењето се наоѓа во собраниската Комисија за здравство. Тој предвидува забрана за пушење во јавните и работните простории, како и прецизно регулирање на терасите на угостителските објекти.

За првпат се опфатени и електронските цигари и другите нови производи со никотин. Предлогот предвидува заострување на правилата за рекламирање и промовирање на тутунот и сродните производи, особено во дигиталниот простор и на социјалните мрежи, со цел да се намали нивното влијание врз младите.

Read Previous

Министрите за култура и туризам на Северна Македонија и Турција се сретнаа во Анкара: Нови можности за соработка

Read Next

Делегацијата предводена од премиерот Мицкоски ќе учествува на средбата на лидерите на ЕУ со земјите од Западен Балкан во Њујорк