September 23, 2026

Министрите за култура и туризам на Северна Македонија и Турција се сретнаа во Анкара: Нови можности за соработка

Министерот за култура и туризам на Северна Македонија, Седат Сулејмани, во рамките на официјалната посета на Анкара оствари средба со министерот за култура и туризам на Турција, Мехмет Нури Ерсој, пренесува Анадолу.

Според соопштението на Министерството, двајцата соговорници разговарале за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Турција, како и за потенцијалите за нивно натамошно продлабочување, особено во областите на културата и туризмот.

„Министрите ги разменија своите согледувања и планови во врска со дејствувањето на културно-информативните центри во Скопје и Истанбул, актуелните проекти, меѓу кои и изградбата на Турскиот театар во нашата држава, како и активностите насочени кон интензивирање на туристичката промоција. Беа разгледани иницијативите што во иднина се очекува да претставуваат силен поттик за развој на врските меѓу двете земји“, се наведува во соопштението.

На средбата, според соопштението, беше истакната и успешната соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), преку која во изминатите години се реализирани многубројни проекти за непосредна заштита на објекти од културното наследство од османлискиот период.

„Потврдено е дека во наредниот период ќе се обезбеди поддршка од ТИКА за заштита на уште неколку објекти“, велат од Министерството.

Во соопштението беше истакнато дека двете држави имаат одлична соработка и во рамките на УНЕСКО, што беше потенцирано со мултинационалните апликации за впишување на две добра на Репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство.

Во рамките на официјалната посета министерот Сулејмани го посети Анатолискиот музеј на цивилизациите и оствари средби со личности од јавниот и политичкиот живот во Турција.

Read Previous

Мисајловски: Пред нас е можност за нов исчекор во развојот на БМНС

Read Next

Македонија меѓу земјите со висока потрошувачка на тутун – 22,5% од лицата над 16 години консумираат тутун