November 6, 2026

Во Скопје започна 5. Меѓународен симпозиум за наставата по турски јазик и туркологија на Балканот

Во Скопје започна 5. Меѓународен симпозиум за наставата по турски јазик и туркологија на Балканот, јавува Анадолу.

На симпозиумот, организиран во соработка со Универзитетот Њујорк во Тирана (UNYT) на Турската фондација Маариф и Меѓународниот балкански универзитет (IBU) во својство на домаќин, се собра голем број претставници од институциите, академската заедница и студентите.

На симпозиумот присуствуваа заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Хаџи Али Озел; амбасадорот на Турција во Скопје, Алпер Акташ; министерот на Северна Македонија задолжен за меѓународна соработка и странски инвестиции, Зулфикар Зејнула; заменик-министерот за образование и наука на Северна Македонија, Дритон Сулејмани; претставници на турските институции и организации во земјата, на академската фела и студенти.

Во своето обраќање Озел изрази уверување дека симпозиумот значително ќе придонесе за зајакнување на присуството на турскиот јазик на Балканот и за унапредување на академската соработка во областа на туркологијата.

Истакнувајќи дека турскиот јазик со векови служел како мост на Балканот, Озел рече:

„Во овој регион турскиот јазик нашол свое место во поезијата, песните, приказните, поговорките, архитектурата, сеќавањата на градовите и секојдневниот живот. На Балканот, каде што заедно живеат различни јазици, верувања и култури, тој создаде заедничка основа за комуникација и заемно влијание. Зачувувањето, истражувањето и пренесувањето на ова наследство на младите генерации е наша заедничка одговорност.“

Озел нагласи дека наставата по турски јазик во странство и промовирањето на турската култура ги сметаат за еден од најважните аспекти на надворешната политика на Турција.

Зејнула, исто така, истакна дека турскиот јазик на Балканот не е само јазик што се зборува денес, туку јазик што континуирано се зборувал низ вековите.

Осврнувајќи се на важноста од зачувувањето на турскиот јазик, Зејнула рече:

„Затоа што знаеме дека народот што ќе го изгуби својот јазик го губи и своето постоење.“

– „Турскиот јазик е важен за овој регион“ –

Сулејмани посочи дека низ вековите идентитетот на Балканот се обликувал како резултат на средбите и заемното влијание на различни народи, јазици, религии, традиции и цивилизации.

Нагласувајќи дека разновидноста на регионот не е само географска одлика, Сулејмани рече:

„Ова е едно од нашите најголеми културни и интелектуални богатства. Северна Македонија е особено значајно место за разгледување на оваа разновидност. Нашата земја е дом на заедници со различно јазично, етничко и културно потекло, кои со своите традиции и истории придонеле за богатството на нашето заедничко општество. Турскиот јазик и култура заземаат важно место во нашето заедничко наследство.“

Претседателот на Турската фондација Маариф, Махмут Мустафа Оздиљ, исто така, ја истакна важноста на симпозиумот, кој оваа година се одржува по петти пат.

„За нас оваа конференција е значајна не само како платформа преку која светот го запознаваме со нашата работа, туку и како платформа на која може да ги поставиме темелите за заеднички активности. Се надеваме дека во наредните години, особено со зголемувањето на учеството од балканските земји, сè повеќе ќе се приближуваме кон оваа цел“, рече тој.

Ректорот на ИБУ, проф. д-р Мехмет Булут, истакна дека турскиот јазик има длабоки корени на Балканот, додавајќи: „Турскиот јазик е важен за овој регион.“

По воведните обраќања симпозиумот продолжи со предавање на проф. д-р Садетин Октен и различни панел-дискусии.

Симпозиумот, кој оваа година се одржува на тема „Народната книжевност и усната култура на Балканот“, со поддршка на Турскиот јазичен институт, Институтот Јунус Емре, Претседателството за Турците во странство и сродните заедници, Турската агенција за соработка и координација и Халкбанк, ќе заврши на 7 ноември, по одржувањето на различни панел-дискусии и културна посета.

Read Previous

Амбасадорот Алпер Акташ оствари средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски

Read Next

Рокас му го предаде извештајот на EK на Mицкоски – уставните измени остануваат обврска