November 6, 2026

90 проценти од младите користат вештачка интелигенција, повеќе од половината разговараат со чет-ботови кога се тажни и осамени


Истражување на американската фондација JED, која се занимава со заштита на менталното здравје, покажува дека дури 90 проценти од младите на возраст од 9 до 17 години користеле чет-ботови со вештачка интелигенција.

Најголем дел, односно 58 проценти, ја користат технологијата за училишни задачи. Речиси исто толкав процент, 57 проценти, велат дека разговараат со вештачката интелигенција кога се тажни, под стрес, осамени или преоптоварени. Дополнително, 12 проценти од учениците ја користат за дружење и пријателство.

Истражувачите предупредуваат дека ваквата употреба отвора сериозни прашања за емоционалниот развој на младите. Во период кога децата учат како да се справуваат со стресот, разочарувањата и сложените односи, разговорот со чет-бот не може да ја замени поддршката од вистинска личност.

Психолозите посочуваат и дека вештачката интелигенција понекогаш може да ги потврдува стравовите и погрешните убедувања на корисникот, наместо да му помогне да ја согледа ситуацијата поинаку. Советите што ги дава не секогаш се соодветни, а во одредени случаи можат да бидат и опасни. Особено загрижувачки е наодот дека младите кои користат вештачка интелигенција во моменти на емоционална вознемиреност почесто пријавуваат полоша психичка состојба, како и претходни суицидални мисли и обиди.

Сепак, истражувачите нагласуваат дека не е утврдено дали користењето вештачка интелигенција придонесува за влошување на менталното здравје или младите кои веќе се соочуваат со проблеми почесто бараат утеха и поддршка од чет-ботовите. Можно е да се случуваат и двете.

Главната грижа е дека прекумерното потпирање на вештачката интелигенција може да ги спречи младите да развијат сопствени вештини за справување со секојдневниот стрес и да побараат помош од луѓето околу себе.

Read Previous

Рокас му го предаде извештајот на EK на Mицкоски – уставните измени остануваат обврска