Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија соопшти дека завршила операцијата за доброволна репатријација од Сирија на петмина албански државјани, меѓу кои жени и деца.
Во соопштението на Министерството се наведува дека операцијата реализирана на 26 август 2026 година е круна на долгогодишна и внимателна работа, за која била потребна постојана координација меѓу албанските институции, дипломатските и конзуларните претставништва, како и властите на вклучените земји.
„Репатријацијата на албански државјани од подрачја погодени од конфликт е израз на одговорноста на државата за заштита на своите граѓани, дури и во тешки и сложени околности. Нивното враќање во татковината ја заокружува важната фаза од овој процес, но не и институционалната одговорност кон нив. По пристигнувањето во Албанија, на репатрираните државјани ќе им биде обезбедена потребната помош и ќе бидат извршени здравствени и психосоцијални процени. Надлежните институции ќе продолжат координирано да работат на нивно сместување, рехабилитација и реинтеграција во општеството“, се наведува во соопштението.
Министерството за Европа и надворешни работи, исто така, истакнува дека реализацијата на операцијата ја покажува важноста на меѓуинституционалната соработка и координираното дејствување во исполнувањето на одговорностите на албанската држава кон нејзините граѓани.
„Меѓуинституционалната работна група ќе продолжи да работи и на целосно следење на процесот на рехабилитација и реинтеграција, како и на репатријација на други албански државјани, секогаш кога ќе се создадат неопходни услови за нивно безбедно враќање“, се наведува, меѓу другото, во соопштението.
Министерството не даде дополнителни детали во врска со времето и местото на престојот на албанските државјани во Сирија.

