Од 1 јули до 31 август ќе важи целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“, поради зголемената опасност од шумски пожари.
Забраната ќе важи во текот на целиот ден на сите површини под управување на претпријатието.
Исклучок има за надлежните институции, шумарските служби, како и за лица кои ќе поседуваат писмено одобрение издадено од надлежните подружници на ЈП „Национални шуми“. За спроведување на мерката ќе бидат задолжени ЈП „Национални шуми“, Шумската полиција, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Министерството за внатрешни работи.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство појаснуваат дека забраната не се однесува автоматски на парк-шумите, како Водно, ниту на националните паркови, за кои важат посебни правила. Граѓаните се повикуваат да се информираат кај надлежните управувачи пред да планираат движење во овие подрачја.
