June 27, 2026

Андоновски: За две години изградивме Министерство што испорачува дигитални услуги за граѓаните

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска презентираше отчет за двегодишната работа на Министерството, истакнувајќи дека институцијата од мала канцеларија со бројни наследени проблеми прераснала во функционално министерство кое обезбедува конкретни резултати за граѓаните.

Според Андоновски, Министерството започнало со работа во субстандардни услови, со дезорганизиран систем, блокирани проекти и бројни судски постапки, но за краток период успеало да изгради институција која, како што рече, денес е пример за транспарентност и ефикасност.

„Ова не е отчет на бројки, туку отчет за тоа дали државата станува подостапна за граѓаните“, истакна министерот.

Тој посочи дека при преземањето на функцијата наследиле милионски судски спорови, нефункционален возен парк, блокирани проекти за широкопојасен интернет, долгови кон програмата „Дигитална Европа“, како и застој во повеќе ИПА-проекти за дигитализација. Во одредени случаи, додаде, биле поднесени и кривични пријави против поранешни функционери поради злоупотреби во јавните набавки и службената положба.

Андоновски нагласи дека главната цел била дигитализацијата да престане да биде само стратегија на хартија и да стане реална промена што граѓаните ќе ја почувствуваат во секојдневниот живот.

„Реформа која граѓанинот не ја чувствува не е завршена реформа. Дигитализација која не ја намалува бирократијата е само технички проект, а не политичка промена“, рече тој.

Министерот потсети дека во 2025 година Министерството било рангирано како најтранспарентна институција во државата. Дополнително, успешно бил организиран Дигиталниот самит на Западен Балкан со повеќе од 1.000 учесници од Европа, а Македонија, според GovTech Maturity Index на Светска банка, напредувала за 22 позиции и влегла во категоријата А.

Како најзначајно достигнување Андоновски го издвои развојот на националниот портал uslugi.gov.mk. Бројот на електронски услуги, како што рече, е зголемен од 120 во 2024 година на 352 во 2026 година, додека бројот на месечно издадени услуги пораснал од 1.354 на 13.435.

Истовремено, бројот на регистрирани корисници се зголемил од 110.000 на 267.000, а поднесените барања од 64.000 на повеќе од 340.000. Само во текот на минатата година биле регистрирани над 92.000 нови корисници.

„Граѓаните денес преку порталот можат целосно електронски да извадат изводи, уверенија за државјанство, потврди за неосудуваност, одобренија за набавка на оружје и десетици други документи. Преку истиот систем беше реализирана и постапката за студентските ваучери за над 40.000 студенти, без редици, непотребни документи и сомнежи за корупција“, нагласи министерот.

Во извештајот беше посочено и дека е проширена мрежата на центри за услуги. Ако до 2024 година функционирале само пет вакви центри, денес нивниот број изнесува 16, со нови локации во општина Аеродром, Јагуновце, Штип, Кавадарци, Виница, Свети Николе, Неготино, Делчево, Прилеп, Струмица и Крушево.

На крајот од обраќањето, Андоновски порача дека поставените темели ќе бидат надградувани и дека Министерството ќе продолжи со реформите насочени кон понатамошна дигитализација на јавните услуги и олеснување на пристапот на граѓаните до институциите.

Read Previous

Со „Безбеден град” бројот на загинати во сообраќајот намален за 40 проценти