Денес официјално започна најголемата регионална еко-акција „GENERALKA WEEKEND“, која годинава обединува десетици илјади волонтери од 80 општини, над 600 организации, јавни институции, приватни компании и повеќе од 250 државни институции ширум Македонија.
На централниот настан во Скопје присуствуваа претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова, госпоѓа Рози Мицкоска, амбасадорот на Австрија Мартин Памер, министерот за животна средина и просторно планирање Муамер Хоџа, заменичката министерка Ане Лашкоска, како и претставници на институции, организации и голем број граѓани и волонтери.
Од Град Скопје истакнаа дека акцијата испраќа силна порака дека чистата животна средина е заедничка одговорност и дека секој граѓанин има улога во зачувувањето на својот град и држава.
Градските власти нагласија дека Скопје, како главен град и лице на Македонија, мора да биде чисто, уредно и достоинствено место за живеење. Посочија дека градските служби и јавните претпријатија секојдневно работат во три смени на чистење и одржување на јавните површини, со цел воспоставување повисоки стандарди за хигиена и грижа за јавниот простор.
Покрај активностите во главниот град, акцијата „GENERALKA WEEKEND“ истовремено се реализира на повеќе од 500 локации низ целата држава, што претставува еден од најголемите организирани еколошки потфати во регионот.
Од Град Скопје информираа дека во наредниот период ќе се реализира и кампања за подигнување на јавната свест за правилно одлагање отпад и зачувување на јавните површини, со порака дека отпадот не припаѓа на улиците, парковите и кејовите, туку на местата предвидени за тоа.
Истовремено, засилените инспекциски служби продолжуваат со секојдневни контроли на терен, со цел поголема заштита и одржување на јавната чистота.
Од Град Скопје упатија апел до граѓаните да покажат поголема одговорност и со личен пример да придонесат за почиста и поздрава животна средина.
„Само заедно може да се изгради град каков што заслужуваат граѓаните – чист, убав, уреден и достоинствен главен град“, порачаа од Град Скопје.
TV21


