November 4, 2026

Повеќе едукација за сообраќајна безбедност во училиштата, најави Јаневска

Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030 претставува значаен стратешки документ што го препознава придонесот на образованието во создавање сообраќајна култура и долгорочно унапредување на безбедноста во сообраќајот, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска на промоцијата на новата Стратегија.

„Образованието е еден од најмоќните превентивни механизми. Знаењата, ставовите и навиките што придонесуваат за безбедно учество во сообраќајот треба да се развиваат од најрана возраст, почнувајќи од предучилишното воспитание и продолжувајќи низ сите нивоа на образовниот процес. Темите за безбедноста во сообраќајот се интегрирани во воспитно-образовната работа, преку наставни и воннаставни активности, како и кампањи во соработка со Министерството за внатрешни работи, со стручни организации и со единиците на локалната самоуправа“, посочи министерската Јаневска, додавајќи дека податоците за сообраќајните незгоди и ризичното однесување на младите учесници во сообраќајот укажуваат дека е неопходен уште покоординиран пристап.

Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието ќе работи на дополнително унапредување на воспитно-образовните содржини и активности со кои учениците ќе стекнуваат практични знаења, ќе ги препознаваат ризиците во сообраќајот и ќе развиваат навики за одговорно и безбедно однесување, вклучително и за правилна употреба на заштитната опрема.

Јаневска нагласи дека успешната едукација не е можна без подготвени наставници и современи наставни ресурси и затоа, дел од активностите ќе бидат насочени кон јакнење на компетенциите на наставниот кадар и обезбедување соодветни едукативни материјали и алатки за работа со учениците.

Ја поддржа идејата за јакнење на безбедносните зони околу училиштата, парковите и центрите на населбите, преку партнерства со општините и граѓанските организации.

„Создавањето побезбедна средина околу местата каде што престојуваат децата е заедничка обврска на сите институции и на целата заедница. Подеднакво важно е младите да стекнат основни знаења и вештини за соодветно постапување во првите критични минути по сообраќајна незгода, во соработка со Црвениот крст и со здравствените институции“, рече министерката.

Успехот на Стратегијата зависи од способноста за заедничко и координирано делување. Јаневска ги охрабри училиштата, институциите, семејствата, граѓанскиот сектор и локалните заедници да градат трајна култура на безбедност, неопходна како одговор на ризиците со кои се соочуваме како општество.

Read Previous

Скопје домаќин на 26. седница на Заедничкиот консултативен комитет со Европската Унија