Годишната инфлација во април изнесува 5,7 проценти. Но, преку оваа бројка тешко може јасно да се види дали енергетската криза што настана по нападот на САД и Израел врз Иран веќе почнала да се прелева во економијата. Затоа, ако се погледнат месечните податоци, може да се забележи дека инфлацијата во април е за 1,3 проценти повисока во однос на март.
Тоа веќе упатува дека енергетската и геополитичката криза почнува да се чувствува и врз цените во Македонија. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат и дека храната во април е поскапа за 0,7 проценти во однос на претходниот месец. Сепак, според премиерот Христијан Мицкоски, сè уште не е време да се преземат мерки за стабилизирање на растот на цените на храната. Ќе се чека да помине и мај, за да се види како ќе се движат цените, а потоа Владата ќе одлучува дали ќе интервенира со мерки. Главна опција што е на маса е намалување на данокот на додадена вредност за основните прехранбени производи.
„Во моментот опцијата основните прехранбени производи, ДДВ коешто е 5% да биде намалено, сè уште е на маса. Но, повторно ви велам, околу 0,7% или 0,8% е месечната промена на цените на основните прехранбени производи, на сметка на транспортните услуги, тоа е отприлика она што е предмет на нашата анализа“, изјави премиерот Мицкоски.
Според Мицкоски, главната причина за поголемиот раст на инфлацијата е во секторот услуги, каде што се бележи значително поскапување. Најголем раст има кај авионскиот превоз, каде што цените на авионските билети достигнуваат и до 150 проценти пораст.
Денеска со нови прогнози за инфлацијата и ризиците за економијата излезе и Народна банка на Македонија. Централната банка направи значителна нагорна корекција на очекувањата за инфлацијата во однос на прогнозите од октомври минатата година. Тогаш се очекуваше инфлацијата во 2026 година да изнесува 2,5 проценти, додека сега проценката е дека годината ќе заврши со раст на цените од четири проценти.
Ова повторно го отвора прашањето дали Народната банка треба да интервенира со зголемување на референтната каматна стапка од сегашните чртири проценти, со што би испратила сигнал до банките да го намалат кредитирањето и оптекот на пари во економијата. Целта на таков потег би била да се намали притисокот од побарувачката, односно да се спречи дополнителен раст на цените.
„Сега за сега, вие прашавте директно, мислам дека тоа не беше причина барем на 5 мај, ние да донесеме одлука за корекција нагоре на основната каматна стапка на Народна банка на Република Македонија“, вели гувернерот на Народна банка, Трајко Славески.
Според Трајко Славески, засега најголемите централни банки немаат преземено чекор за интервенција преку зголемување на референтните каматни стапки. Сите внимателно ја следат состојбата и чекаат да видат како ќе се развива енергетската криза што произлезе од геополитичките тензии на Блискиот Исток.


