Со седницата копретседаваа градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и неговиот колега од Хрватска, Иван Гулам. Во фокусот на средбата беа европската перспектива на земјава, улогата на локалната самоуправа во евроинтегративните процеси и можностите за поголема финансиска поддршка од европските фондови.
Ѓорѓиевски посочи дека европските стандарди треба да се применуваат и на локално ниво, преку поквалитетни јавни услуги, модерна инфраструктура и поефикасни општински институции. Тој нагласи дека финансиски стабилните општини се важен предуслов за локален развој и дека соработката со Владата треба да придонесе за реализација на инфраструктурни проекти.
На средбата беше упатена и порака за потребата од посилна поддршка од европските партнери за македонската европска перспектива, како и за поголем пристап на општините до финансиските инструменти на Европската Унија.
Заедничкиот консултативен комитет е воспоставен во 2008 година, со цел да го унапредува политичкиот дијалог и соработката меѓу локалните и регионалните власти во рамки на процесот на пристапување на Македонија кон Европската Унија. Со неговата работа се овозможува локалните власти да ги изнесуваат своите ставови и приоритети поврзани со европската интеграција.


