Раде Трајковски, познат како Штекли, денеска беше осуден на осум години затворска казна од Кривичен суд Скопје, поради организирање група за трговија со наркотични средства.
Судскиот совет утврди дека Трајковски бил дел од организирана мрежа која се занимавала со дистрибуција на кокаин и марихуана. Покрај него, судот изрече затворски казни и за останатите обвинети во случајот.
Според одлуката, Стефан Китанов и Александар Бучевски се осудени на по пет години затвор, додека Стојан Миланов доби казна од три години и десет месеци. Филип Таневски, исто така, беше осуден на петгодишна затворска казна.
Судијата Илија Трпков истакна дека судската постапка се одвивала ефикасно и без одолговлекување, нагласувајќи дека предметот бил завршен во рок од девет месеци со континуиран тек на рочиштата.
Случајот се однесува на организирана трговија со дрога и е дел од пошироките напори на институциите за сузбивање на нелегалната трговија со наркотични средства.
