Хрватската правничка Морана Миљановиќ е на чело на еден од бродовите во меѓународната флота што се обидува да стигне до Појасот Газа, среде израелската поморска блокада воведена во 2007 година.
Околу 60 бродови со активисти и хуманитарни работници тргнаа во неделата од италијанскиот остров Сицилија кон Газа, а се очекува да им се придружат и други пловила, со што вкупниот број ќе се зголеми на околу 80.
Миљановиќ (41) е капетан на бродот „Ширин“ , долг речиси 19 метри, на кој се наоѓаат десет члена на екипажот.
„Тргнавме пред два дена, сега сме во централниот дел на Медитеран. Околу нас има 58 бродови, ќе ни се придружат уште пловила што ќе тргнат од различни земји и ќе се сретнеме на море“, вели таа, додавајќи дека конечниот број на бродови сè уште не е потврден, но се очекува да бидат околу 80.
Пловењето, во зависност од временските услови, би можело да трае меѓу десет дена и две недели.
Бродот „Ширин“ е именуван по Ширин Абу Акле, познатата палестинско-американска новинарка на „Ал Џезира“, која беше убиена на 11 мај 2022 година додека известуваше за израелска воена операција во Џенин.
„Бродот има автономна позиција и иднина во поддршката на децата, преживеаните од геноцидот во Газа и Палестинците кои се наоѓаат во соседните земји на Медитеранот како бегалци. Ќе се користи како средство за терапија за посттрауматски стрес“, објаснува Миљановиќ.
Според Миљановиќ, жените одиграле централна улога во проектот, вклучително и донаторите и организаторите на бродовите.
„Чувствуваме дека имаме одредена одговорност, особено кон Ширин, која имаше голема репутација и интегритет во текот на целиот свој живот и сè уште е пример за многу девојки во Палестина и пошироко како новинарка.“
Ова не е нејзина прва ваква мисија.
„Пловев на овој брод за време на претходната мисија и повторно сум тука“, рече таа, признавајќи ги потенцијалните ризици по минатите инциденти во кои флотите беа пресретнати од израелските сили.
На прашањето за стравот од потенцијално пресретнување од страна на израелските сили, таа одговори: „Секако дека сме луѓе, секако дека ни е страв. Меѓутоа, да се зборува за нашиот страв во однос на тоа што го доживуваат луѓето во Газа и на Западниот Брег е проблематично.“
Исто така, таа се осврна на неодамнешните насилни инциденти во регионот, истакнувајќи го она што го опиша како растечка хуманитарна криза.
„Геноцидот врз народот на Палестина – кој не е единствен геноцид што се случува во моментов – е ескалација на систематска дехуманизација, окупација, ограничување на основните човекови слободи, етничко чистење, нормализација и институционализација на идеите за супериорност и доминација и државно производство на страв, како и колонијално-капиталистичка експропријација.“
„Апелирам до луѓето во регионот да се кренат на нозе и да се организираат на начин да кажат ’не’ на тоа што се случува во нивната средина“, додаде таа.
За Миљановиќ, прашањето за Газа ги надминува границите на географијата.
„Тоа не е некоја географска локација, не е некоја ситуација што е далеку и некаде таму. Геноцидот е само екстремен момент на ситуација што постои тука, лево и десно и околу вас, каде што сте вие, каде што сум јас.“
Таа заклучува дека слободата не е делумна.
„Свесни сме дека никој од нас нема да биде слободен сè додека најугнетената личност меѓу сите нас не биде навистина слободна.“
На крајот таа упати апел до регионот, по веста за планираното производство на дронови во Србија.
„Пред неколку дена видовме потврда дека во Србија е постигнат договор за изградба на фабрика за производство на дронови во таа земја, а фабриката ќе биде во сопственост и на компанијата ‘Елбит Системс’, која има лоша репутација бидејќи произведува дронови што се користат во геноцидот во Газа“, рече таа, наведувајќи дека „овие дронови ќе се произведуваат во Србија, а другите земји во регионот ќе учествуваат финансиски и на други начини“.
„Апелирам до луѓето во регионот да се кренат и да се организираат на начин да кажат ‘не’ на она што се случува во нивната средина“, додаде таа.
Бродовите што тргнаа од Марсеј и Барселона пристигнаа минатата недела во сицилијанското пристаниште Сиракуза, од каде што продолжија кон Газа носејќи хуманитарна помош и материјали за болниците.
Во октомври минатата година израелската војска запре конвој од околу 50 бродови со активисти.
Во последните години ниеден брод не успеа да се пробие до брегот на Појасот Газа, кој од октомври 2023 година е под израелски напади во кои се убиени најмалку 72.593 Палестинци, а 172.399 се повредени, со уништување на околу 90 отсто од цивилната инфраструктура.
