April 14, 2026

МВР го истражува обидот за палење на синагога во Скопје, Еврејската заедница алармира за говор на омраза

Министерството за внатрешни работи информира дека на 12 април во 07:22 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Апостол Гусларот“, во двор од верски објект, бил забележан канистер за гориво и траги од горење.

По добиената пријава, полициски службеници излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Претходно, Еврејската заедница во Македонија го осуди, како што наведуваат, обидот за опожарување на објектот на заедницата и синагогата.

„Овој чин не е само напад врз еден верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество – соживотот, достоинството и заемната почит“, се вели во соопштението потпишано од претседателот Пепо Леви.

Од заедницата изразуваат загриженост за зголемените појави на говор на омраза и нетолеранција, предупредувајќи дека ваквите тенденции можат да доведат до оживување на антисемитизмот.

Во соопштението се додава дека обидот за подметнување пожар е „алармантна последица“ на таквата атмосфера, при што се повикува на јасна осуда од институциите, верските лидери и граѓаните, како и на целосно расветлување на случајот од страна на надлежните органи.

Read Previous

Муцунски му честита на Маѓар за победата на изборите во Унгарија