April 11, 2026

Силјановска: Не треба да чекаме со децении за во ЕУ

Македонија не треба да чека со децении пред вратата на Европската унија и изјавата на премиерот Мицкоски погрешно е протолкувана. Ова го истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова во емисијата Клик плус на ТВ21, алудирајќи на неодамнешната изјава на премиерот Мицкоски кој рече дека нема да има поместување во однос на уставните измени без гаранции за македонскиот идентитет.

-Морам да напоменам дека кога се цитира изјавата на премиерот, се заборава дека таа не беше таква каква што ја повторуваме сите, туку беше поврзана со доколку, доколку во односите со Бугарија и тој наброја некои претпоставки. Не мислам дека тоа значи децении треба да чекаме напротив, некогаш движење има и кога не е пред очите на јавноста, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Силјановска рече дека земјава бележи сериозен напредок во евроинтегративниот процес и сме многу подобри од водечките кандидати за членство во Унијата. Таа повтори дека во пристапниот процес поважни треба да бидат копенхашките критериуми.

-Сите зборуваме за политика заснована на докази не на ирационални барања. Покажуваат дека ние не само што сме рамо до рамо со главните претенденти за брзо членство во ЕУ туку сме и подобри од некои од нив, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Потсетувајќи на копенхашките критериуми Силјановска потсети и дека во нив е јавно наведено дека се почитуваат националниот и културниот идентитет на државите и народите. Не може овие принципи да важат за земјите членки на Европската унија, а да не важат за државите кандидати, истакна претседателката Силјановска.

Read Previous

Северна Македонија ќе игра пријателски меч со Босна и Херцеговина на 29 мај во Сараево