March 26, 2026

Халкбанк стана главен годишен партнер на Македонскиот народен театар

Халкбанка АД Скопје ќе биде главен годишен партнер на Македонскиот народен театар. Договорот за годишно покровителство, со мото „Важна е културата”, денеска во МНТ го потпишаа Фатих Шахбаз, главен извршен диектор на Халкбанка АД Скопје, и Никола Кимовски, генерален директор на Македонскиот народен театар.

Покрај директна финансиска поддршка за активностите на МНТ, соработката предвидува и реализација на низа заеднички иницијативи, преку кои ќе се овозможи дополнителна промоција и поголема видливост на претставите и програмата на театарот.

Како што истакнаа двајцата директори на потпишувањето на договорот, со ова партнерство двете институции имаат цел да придонесат во збогатување на културната понуда и доближување на театарската уметност до пошироката публика.

Директорот на МНТ ѝ се заблагодари на Халкбанка за партнерството и довербата и посочи дека како општествено одговорна компанија ќе биде вистински партнер во уметноста.

„Со заеднички сили ќе продолжиме да ја негуваме театарската уметност и со оваа поддршка продолжуваме да креираме добра, чесна и инспиративна уметност. Кога бизнис-секторот одлучува да стане мецена на театарот, тој не само што инвестира во проекти, туку вложува во облагородување на духовното во нашето општество, поттикнувајќи ја креативноста, вредностите и уметничката чувственост кај сите нас. Поддршката од бизнис-секторот, како што е оваа, е клучна за развојот на културата. Таа не само што придонесува за стабилност и реализација на уметничките проекти туку ја поттикнува свеста и кај другите компании и поединци да ја препознаат важноста од вложувањето во уметноста и да започнат да донираат и поддржуваат културни иницијативи“ изјави  Никола Кимовски,генерален директор на Македонскиот народен театар.

Главниот извршен директор на Халкбанка АД Скопје, Фатих Шахбаз, изјави дека со договорот се формализира партнерство кое има „длабока вредносна и општествена димензија“. Порача дека кога бизнисот и културата се здружуваат заради вистински вредности, резултатите не се само видливи туку и трајни, а инвестицијата, рече тој, се враќа преку подобро општество, побагата културна сцена и посилна заедница.

„За нас во Халкбанка ова партнерство не е само формален чин, туку силна порака за нашата посветеност кон заедницата и нејзините културни вредности. Веруваме дека културата е срцето на секое општество, таа нè обединува, инспирира и создава трајни вредности. А токму институции како Македонскиот народен театар се чуварите на тие вредности, места каде што традицијата се среќава со современото, а уметноста добива свој глас и значење. Поддржуваме проекти во разни области, но културата има посебно место во нашата мисија. Сметаме дека вложувањето во уметноста значи вложување во иднината, во креативноста и во идентитетот на една нација. Убеден сум дека оваа соработка ќе донесе нова енергија, нови идеи и уште поголеми успеси – истакна главниот извршен директор на Халкбанка АД Скопје Фатих Шахбаз.

Read Previous

Град Скопје обезбеди еднократна парична помош за онколошките пациенти од главниот град

Read Next

Вооружен грабеж во филијала на поштата во грчкиот град Лутраки – одземени околу 32.000 евра