Во моменти кога животот носи најтешки предизвици, нашата човечност се мери со тоа колку сме подготвени да подадеме рака. Токму затоа, водени од искрената грижа и одговорност кон нашите сограѓани, продолжуваме со конкретни мерки за поддршка на најранливите. Во рамки на Програмата за активности во областа на социјалната, детската и здравствената заштита на Град Скопје за 2026 година, обезбедуваме еднократна парична помош за онколошките пациенти – како мал, но значаен чекор кон олеснување на нивното секојдневие и борба, сподели денеска преку социјалните мрежи, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Право на оваа помош имаат лица со живеалиште на подрачјето на Град Скопје (општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари).
За остварување на правото, потребно е да се достави:
- барање за еднократна финансиска помош;
- копија од важечка лична карта;
- документ од надлежен орган или институција што ја потврдува состојбата (дијагноза или отпусна листа);
- копија од трансакциска сметка (лична на барателот);
- потврда дека барателот спаѓа во категоријата онколошки пациент;
- документацијата да не е постара од 6 месеци од поставување на дијагнозата.
Барањето, заедно со целокупната документација, се поднесува преку Архивата на Град Скопје, во затворен плик со назнака: „Сектор за јавни дејности – Комисија за доделување еднократна финансиска помош за онколошки пациенти“.
„Ова, почитувани, е порака дека никој не е сам. Дека зад секоја борба стои некој кој верува, сочувствува и помага. Дека и во најтешките денови, постои рака што ќе ве поддржи и надеж што не згаснува“, порача градоначалникот Ѓорѓиевски.


